Брусничка населба. Една од најголемите битолски населби, насловена по селото Брусник во чие подножје се наоѓа и е врската помеѓу централното градско подрачје и патниот правец кон Брусник, а преку него и до подпелистерските села, се до Пелистер. Населба во која живеат неколку илјади луѓе, со брз раст заради колективните згради кои се граделе во изминатиот период.

Во еден дел од населбата, нема минувач што не би си го поставил прашањето кога последно таму поминале екипите на комуналните претпријатија задолжени за одржувањето на хигиената. Неможе да не ја забележите високата вегетација по патот и во парцелите за кои никој не знае дали се јавни или приватни. Жителите велеат „никој не ги коси тревите, ќе зовриеме од змии“, што може и да е вистина, со оглед дека на среде кај улицата Кочо Рацин има густа грмушка капинки. Но. Не е само тревата.

Контејнери, има. Околу нив исто така обрасната трева и пластични шишиња, најлонски кеси и друг отпад расфлан наоколу. Просторот и околу контејнерите не остава впечаток дека е неодамна исчистен, ниту одржуван, на пример еднаш неделно. А сопственоста на просторот околу контејнерите е позната – тоа е јавен простор.
Ако Брусничка населба е таму некаде далеку на западната страна од градот, високата вегетација и впечатокот дека никој не го одржува јавниот простор ја има и во строгиот центар на градот.

Во населбата Стара Болница состојбата е шарена. Од едната страна обраснатост којашто за малку па ќе стигне во домот на жителите на приземните станови, од друга израстени кисели дрвја, од трета изгорена трева како некој да употребил средство за уништување на плевел, а од четврта страна видливо одржувани тревници, едниот заграден другиот не. И овие скоро не виделе градинар, но , барем не се израстени грмушки и коров од кои некои се и со цвет.

Овие две населби имаат една вистина – никој не се грижи за јавниот простор. За зеленилото државава има и закон – Закон за урбано зелениело, во кој вели „согласно законот и општинските одлуки за комунален ред, одговорноста за одржувањето на зеленилото околу зградите зависи од сопственоста и намената на земјиштето. Ако земјиштето е на станарите – тие се одговорни за средување на просторот, заедно со фирмите управители на зградата. Сами стрижат, косат, чистат, наводнуваат и само ако треба дрво да се исече – бараат дозвола од општината.

Ако зеленилото се наоѓа надвор од приватната парцела на зградата, тоа значи дека се наоѓа на државно или општинско земјиште. Тогаш одговорни се општините преку своите претпријатија. Чистењето на сметот од јавните површини и нивното одржување во Битола е обвркса на ЈКП Комуналец. Сите граѓани – и оние во зградите и тие во индивидуалните куќи на сметката плаќаат за јавно зеленило.
Законот определил и кој врши надзор – Комуналната инепсекција. Ако земјиштето е прерасната во депонија или обраснато со неодржуван див коров кој што претсатвува ризик за безбедноста, здравјето, инспекцијата може да издаде решение и глоба за заедницата, сопственикот, управителот или општината односно претпријатието кое што е надлежно, а не постапило.
Растенијата се жив свет, привлекуваат жив свет, некои од нив имаат агресивни корени кои и бетон може да оштетат, некои пуштаат многу млади изданци па неможе да се искоренат, а некои само си собираат влекачи и останати инсекти кои особено во летните месеци претставуваат опасност по здравјето на луѓето , не ретко и на милениците кои „откриваат“ се и сешто во обраснат терен.












