Локалните тезги, сега сместени кај Офицерскиот дом во Битола откако беа релоцирани од пред Центарот за култура, нудат богата палета на сувенири кои раскажуваат за историјата, културата и духот на Битола и Македонија. За странските и домашните туристи, ова е првата станица од каде со себе можат да понесат парче спомен од Битола.
Очекувано, најчестиот мотив кој доминира на тезгите е Градската саат кула – безвременскиот симбол на градот под Пелистер. Веднаш до неа, погледите ги привлекуваат машки и женски кукли облечени во раскошни, прецизно изработени традиционални народни носии, како и шолји со мотиви од раздвижениот Широк Сокак.
Битолската историја е слоевита, а тоа го докажува и самата понуда. На тезгите можат да се забележат фигури со антички војници и ликот на Александар Македонски, но и сувенири инспирирани од Гоце Делчев.
Поради силниот историски печат и престојот во воената гимназија, тука се и сувенирите со ликот на таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, кои се особено привлечни за турските туристи.
Сепак, наспроти големите историски личности и грандиозните споменици, еден сосема поинаков и симпатичен сувенир го краде шоуто и го држи рекордот по продажба.
Локалните продавачи не сакаа да зборуваат пред камера, но сепак ни откриваат: „Имаме навистина сè, од Саат кулата до Ататурк, ама ако ме прашате што најмногу се купува – тоа е ова мало магаренце. На грбот носи два мали соларници. Не знам дали им е симпатично или практично, ама странските туристи најмногу го купуваат. Тоа ни е дефинитивно најпродаваниот сувенир оваа сезона!“
И додека Битола продолжува да пулсира во својот препознатлив ритам, малите креативни соларници во форма на магаренце патуваат ширум светот како најоригинален поздрав од градот на конзулите.
Кој е најпродаваниот сувенир од Битола
























