Центарот на Битола е прекрасна пешачка зона, но, кога ќе погледнете наоколу гледате град кадешто едниот дел е уреден, а другиот дел е запуштен и таа разлика е навистина голема. Токму затоа, неопходно е на проблемот со сообраќајниот метеж во градот да му се пристапи системски, рече Јанез Кожел, архитект, урбанист и планер од Универзитетот во Љубљана, Словенија на едно предавање на Техничкиот факултет во Битола.
Според архитектот од Љубљана, најважната улога за решавање на проблемите со сообраќајот во градот ја има локалната самоуправа, но, тука како што рече Кожел најважната работа е дали се има политичка волја?

„Потребно е на политичарите што ги носат одлуките да не им се важни само гласовите од избирачите, туку, да носат одлуки за подигнување на квалитетот на живот на сите граѓани“ рече при работна посета на Битола, професорот Јанез Кожел од Љубљана.
Битола од друга страна се задушува од возила, а во изминатите години како што се менуваа локалните власти така се менуваа и сообраќајните студии и проектите за да се реши сообраќајниот метеж во градот.
Поради тоа што Битола е град со старо градско јадро, лимитирани се можностите за решавање на проблемот со сообраќајот.
Битолчани се сеќаваат и на еден идеен проект за изградба на подземен паркинг-простор на плоштадот „Гоце Делчев“, но, претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски вели дека тоа било само предлог.

„Таков проект во Општина Битола нема. Тоа беше предлог некаква идеја, меѓутоа изработен основен инфраструктурен проект за тоа да биде изведено нема во општинската администрација“ вели за ТЕРА телевизија, претседателот на Совет, Бојкоски.
Прашавме колку сообраќајни студии досега има изработено Општина Битола?
„Согласно потребите на Генералниот урбанистички план се изработија над 10 студии, една од студиите е и сообраќајната студија и таа ќе биде дел од Генералниот урбанистички план што ќе ги даде насоките како треба да се одвива сообраќајот во Општина Битола. Сообраќајната студија што ќе биде изработена за потребите на ГУП от кој од 1999 година воопшто не е променет, сега, со Генералниот урбанистички план соодветно, согласно Закон треба да биде изработена и сообраќајната студија која се изработува 7 до осум месеци, се прават мерења по однос на колку сообраќај на одредени сообраќајници има, колку товарни возила се движат низ градот и дава точни податоци што се случува во градот со сообраќајот“ објаснува Бојкоски.
Инаку, во Битола, според податоците има над 28 илјади патнички возила.













