ТЕРА

REKLAMA???

Битола станува град со доминантно постаро население и се помалку млади

Битола станува град на старо население, а проблемот со иселувањето на младите се чувствува во многу области.

За ваквите загрижувачки состојби алармираат и експертите и велат дека ќе дојде време кога ќе немаме млади луѓе во градот, ќе нема кој да работи, за да се обезбедат пензии за пензионерите.

Ваквата реалност ја наметнува итноста од изградба на домови за згрижување на стари лица во Битола, бидејќи со иселувањето на младите нема кој да се грижи за постарите членови во семејствата.

„Како Општина Битола броиме над 20 илјади пензионери коишто се членови во нашето Здружение. Потребата за старски домови навистина е неопходна во Битола, со тоа што капацитетите коишто ги поседува општината се многу мали. Секојдневно во Здружението доаѓаат пензионери коишто бараат помош за да можат да се сместат во домовите, бидејќи нивните деца заминуваат, старите остануваат сами, немоќни, меѓутоа нема простор каде да се сместат“ вели за ТЕРА телевизија Даница Петличкова, претседател на Здружението на пензионери Битола.    

Ваквиот тренд на иселување на младите е голем проблем и за битолските основни и средни училишта.

„На ниво на Битола намален е бројот на ученици коишто се запишуваат во прво одделение. Факт е дека голем број на млади брачни парови со своите деца ја напуштаат државата од многу причини. Секоја година како што се намалува бројот на првачињата, тоа ќе биде сериозна закана и за наставниците, бидејќи намалување на паралелки, намалување на фонд на часови, можеме да останеме без наставници кои би ја работеле својата работа“, вели за ТЕРА телевизија  директорот на ОУ „Стив Наумов“ Никола Пискачев.

Инаку, алармантна демографија и негативен природен прираст во Пелагонискиот Регион покажаа и податоците на Државниот завод за статистика.