Битола денеска полна со странски туристи. Екипата на ТВ Тера излезе пред Битолскиот музеј, каде сликата зборува сама по себе – туристи постојано пристигнуваат. На паркингот кај спортската сала континуирано слегуваат гости од неколку автобуси кои потоа во организирани групи се упатуваат кон Завод и Музеј Битола.

Додека едни групи влегуваат да ја видат поставката и спомен-собата на Ататурк, истовремено други туристи веќе излегуваат и брзаат назад кон автобусите. Оваа раздвиженост јасно ја потврдува старата болка на локалниот туризам – Битола за повеќето од нив е само попатна дестинација каде се задржуваат на неколку часа.
Туристите кои ги затекнавме кај музејот беа главно од Турција. Не зборуваат англиски, но со насмевка и по некој збор кажуваат што мислат.
„Јас сум од Турција. Ми се допајѓа тука“.-вели туристка од Турција.
„Македонија е прескрасна“-вели друг.
„Битола е прекрасна“-кратко додава трет турист од истата група.
Слична е сликата и на античкиот локалитет Хераклеја Линкестис. На локалитетот сретнавме туристи од Данска, Холандија и Германија. Воодушевени од археолошкото богатство и мозаиците, но и тие со ист одговор – Битола ја посетуваат само транзитно, а крајната цел за престој им се Охрид и Скопје.
„Тука сме само на час или два да ај видиме Хераклеја а потоа заминуваме за Скопје. Мојот другар на училиште во Данска учеше за ова место и затоа беше заинтересиран да дојдеме овде, а потоа заминуваме за Скопје.
“Дојдовме денес, само на еден час. Бевме во Охрид.“
“Ноќеваме во Охрид заради езерото. Остануваме неколку дена, а потоа одиме за Албанија.“
Но, покрај кусиот престој, она што дополнително остава лош впечаток е грижата за околината. Веднаш пред самиот влез на Хераклеја, нашата камера затекна контејнер опкружен со смет. Отпадоци расфрлани долж оградата која го опкружува локалитетот.

Така, за Битола останува предизвикот како градот да престане да биде само станица за тричасовен одмор и како да им понудиме почиста и поуредена слика на оние кои решиле да ја посетат.











