Затворен базен во Битола е ветување на политичките партии во изминатите повеќе од три децении. Во повеќе наврати, особено во предизборните кампањи, политичарите ја ветувале изградбата на затворениот базен. Првото ветување пред битолчани било дадено во далечната 1994 година, за време на изборна кампања кога и свечено беше означен почеток на изградба на затворен базен во едно средно училиште во градот.
Во 2019 година, битолчани добија ново ветување дека ќе добијат затворен базен и градежни активности започнаа во дворот на Основното училиште „Даме Груев“, но, изведбата повторно беше застаната.

Градоначалникот Тони Коњановски одговарајќи на советничко прашање на последната седница на Советот на Општина Битола, посочи дека затворениот базен како локална самоуправа го затекнале во проблематична фаза со раскинат договор со надлежното Министерство.
Од министерството за спорт за ТЕРА телевизија информираа: „дека градежните работи за затворениот базен во Битола, кои се во надлежност на Министерството, се целосно завршени.
„Проектот е реализиран од страна на изведувачот согласно договорните обврски. Согласно договорот и распределбата на надлежности, обврска на Министерството за спорт беше изградбата на објектот, односно реализација на градежниот дел од базенот, што е целосно завршено“, информираа за ТЕРА, од Министерството за спорт.
Ги прашавме битолчани, дали се оптимисти дека ќе се реализира ова повеќедецениско ветување на политичарите?

„Можеби му треба, на младите, тоа е добра работа, меѓутоа дали има пари да се направи тоа. Тоа е една од важните работи, треба пари, треба средства, инаку за правење, ќе се направи, дали има средства си знаат во повисоките органи“ рече анкетиран битолчанец.

„Ова јас сум го слушал повеќепати, пред секоја кампања пред избори. Се предлага изградба на затворен базен, дури се споменуваше и локација, меѓутоа досега не ништо направено. А има потреба, бидејќи пливачкиот спорт знатно заостанува во нашиот град“ вели друг битолчанец.

„Сигурно дека му треба затворен базен. Тоа и за младите автоматски се оформуваат со пливање, со здрав живот, тренинзи, тоа е многу убава работа“ вели анкетиран граѓанин на Битола.
„Да, секако дека треба, меѓутоа состојбите се тие што се. Добро е да се исполни таа желба на граѓаните, тие тоа го очекуваат“ вели анкетиран битолчанец.
Инаку, од Министерството за спорт за ТЕРА информираа дека согласно проектната документација, во следна фаза потребно е да се обезбедат приклучоци за вода, електрична енергија и канализација, како и партерно уредување на просторот околу објектот, обврски коишто се во надлежност на Општината Битола.












