Неизвесноста околу конфликтот на Блискиот Исток и растот на цените на нафтата, има сериозни последици врз светската економија, а експертите предупредуваат дека војната би можела да се одрази во повеќе економски аспекти.
Земјоделците деновиве истакнаа дека очекуваат зголемување на цените на земјоделските производи со оглед на тоа што најголем дел од репроматеријалите се набавуваат од Блискиот Исток. Од Министерството за земјоделство, информираа дека ја следат состојбата и доколку има потреба, ќе реагираат и ќе интервенираат со соодветни чекори.
Ги прашавме граѓаните дали стравуваат од бран на поскапувања?

„На сите му е скап животот, се е скапо, мора и тие (мисли на земјоделците) да живеат“ вели анкетирана битолчанка.

„Не стравувам. Цените се нормални на пазарот како што се досега, сосема малце нешто на јајцата има зголемување на цената“ вели друг битолчанец.

„Секако дека стравувам. Нормално, со овие наши пензии, поготово ние пензионерите. Има поскапувања на зеленчукот. Маслото чини 100 денари. Немам зборови. Беше тешко, ама како што иди се потешко и потешко, поготово ние пензионерите што сме со помали пензии, не знам“ вели битолчанка.
„Скапо- евтино ни треба и ќе го купиме. Ако не со килници, ќе го купиме со грамови“ вели анкетирана граѓанка.

„Веќе се почнати поскапувањата. Сега за Велигденските празници, Господ знае како ќе биде. Ние живееме на село, посебно горивата, стравуваат децата за летната сеидба, скоро 10о денари нафтата стигна“ вели анкетирана жителка.
Инаку, на глобално ниво, конфликтот меѓу САД, Израел и Иран поради блокадата на Ормутскиот теснец, низ кој минува голем дел од светската трговија со енергија и суровини и зголемувањето на цените веќе се чувствува во сектори како што се земјоделството, производството на чипови, медицинската опрема итн.












