Народниот Театар од Битола продолжува со успешната меѓународна промоција. Претставата Рричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во режија на Мартин Мирчевски, ќе биде изведена на фестивалот „Бабелфаст“ во Трговиште, Романија.

Фестивалот „Бабел“ е еден од најзначајните меѓународни театарски настани во Романија. Основан е во 2007 година од романскиот театар „Тони Буландра“ со цел градот Трговиште да се позиционира на европската културна мапа. Денес фестивалот собира театри, танцови ансамбли, улични изведувачи и уметници од целиот свет, претворајќи го градот во голема отворена сцена.
Годинашното, 14. издание на фестивалот се одржува од 6 до 14 јуни под мотото „Време“, а во програмата учествуваат уметници и ансамбли од повеќе од 25 земји. Во текот на деветте фестивалски дена ќе бидат изведени повеќе од 50 претстави, концерти, изложби, работилници и улични перформанси на осум различни локации низ градот.

Преку современо читање на Шекспировото дело, „Ричард Трети“ отвора низа прашања за човековата природа, самоуништувачките нагони и губењето на хуманистичките вредности во современото општество, aвторскиот тим на битолскиот народен театар, ја поставува дилемата дали луѓето навистина живеат или само преживуваат и колку сме подготвени да се грижиме за другите надвор од сопствениот тесен круг.
Во актерската екипа се вклучени Мартин Мирчевски, Илина Чоревска, Маја Андоновска-Илијевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Марија Стефановска, Александар Стефановски, Филип Мирчевски и Кристијан Танчевски.
Преводот е на Драги Михајловски, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографијата ја потпишуваат Андреј Ѓоргиевски-Папаз и Марија Пупучевска. За шминката и специјалните ефекти беше задолжена Стефанија Илиевски.

Настапот во Романија претставува уште едно значајно меѓународно претставување на битолскиот ансамбл и можност македонскиот театар да се претстави пред илјадници посетители и професионалци од областа на изведувачките уметности од Европа и светот.












