Секоја единица на локалната самоуправа во Македонија, располага со сопствен правен сектор или со вработени правници, чија основна законска должност е да се грижат за имотот на Општината, да ги застапуваат неjзините интереси и да го сервисираат секојдневното работење. Сепак, податоците од Државната платформа Open Finance откриваат дека пелагониските Општини трошат милиони денари на адвокати и адвокатски друштва. Иако се работи единствено за евиденција на реализирани исплати и не може категорично да се тврди под какви правни услови бил ангажиран секој адвокат, сепак, самата математичка динамика на трансакциите нуди премногу силни индиции кои тешко можат да се подведат под терминот “случајност”.
За да се разбере текот на парите, клучен момент е промената во ноември 2021 година. По локалните избори, кога ВМРО ДПМНЕ победува во Битола, Новаци и Могила, на позицијата Секретар на Општина Битола е назначен Борче Димитровски, адвокат кој доаѓа од адвокатското друштво Димитровски. Во адвокатските и политичките кулoари во Пелагонија, веднаш се отвора легитимната индиција, дали позиционирањето на Димитровски на висока функција во најголемата Општина во регионот, всушност, ширум иm им ги отвори вратите за буџетски приливи на неговото матично адвокатско друштво во соседните Новаци и Могила.
Малата рурална Општина Новаци прикажува училишен пример за тоа како парите за правни услуги го менуваат правецот, но и како функционира самиот модел на исплата. Од декември 2022 наваму, односно во ерата на ВМРО ДПМНЕ, на сцена како апсолутен лидер во Новаци стапува адвокатското друштво Димитровски со наплатени над 470 000 денари, односно околу 51% од целиот тогашен буџет за адвокати.
Она што упатува на континуиран фиксен ангажман, паушал, а не на плаќање по поединечен судски предмет, се сумите кои се повторуваат речиси секој месец.
Адвокатско друштво Димитровски редовно наплаќа по точно 11.800 денари месечно. Речиси идентична политичко-правна ротација и трансакциски модел се забележува и во Општина Могила, каде границата повторно ја повлекуваат локалните избори. Пред изборите, до крајот на 2021 година, адвокатското друштво Димитровски нема ниту 1 денар прилив од буџетот на Могила.
По изборите во 2021 година, Димитровски доживува силен пресврт како најголем партнер со наплатени околу 425.000 денари. Исто како во Новаци, и во Могила од 2022 година наваму, месец по месец, се јавуваат речиси идентични суми. Овој константен трансакциски бран повторно повеќе наликува на редовен правен ангажман, месечен паушал, отколку на адхок исплати по случајни предмети.
Наспроти крутиот рурален модел, каде парите се движат по фиксен систем, Општина Битола со потрошени вртоглави околу 470.000 евра за 9 години, прикажува поинаков концепт. Во Битола нема еден адвокат или едно друштво што добива исплата секој месец во континуитет.
Иако, најновите податоци покажуваат дека руралниот модел почнал да фаќа корени и во Битола.
Во периодот на 2025 и 2026 година, во евиденцијата за Битола, често почнаа да се појавуваат неколкумина адвокати со фиксни и заокружени износи, како 10.000, 11.800, 15.000 и 17.700 денари, кои се повторуваат речиси секој месец. Идентичниот модел на редовни месечни трансакции, во Новаци и Могила, кон истите правни субјекти, е индикатор за локалниот политичко-економски инжињеринг и покажува дека Власта со себе носи веќе разработен и пресликан систем на буџетско сервисирање.
Новаци и Могила јасно демонстрираат како локалните буџети можат да се претворат во сигурен извор на редовни месечни приходи за одредени адвокатски канцеларии, отворајќи ја сериозната дилема дали се работи за реална правна потреба, која не можеле да ја покријат самите внатрешни правни сектори, или пак за однапред договорен ангажман со јасен политички предзнак.












