Вчерашното невреме проследено со пороен дожд кое ја зафати Битола одново ги извади на површина старите проблеми со градската инфраструктура и еколошката свест на граѓаните. Камерата на ТВ Тера денеска ја сними состојбата на каналот кој минува покрај поранешната касарна и под месноста Тумбе Кафе.
Кај мостот кој води кон Тумбе Кафе и Зоолошката градина, речното корито повторно може да се забележи фрлено ѓубре, стари гуми, насобрана трева и откорната и насобрана вегетација. Иако во моментов каналот не е затнат и водата низ тече без проблем, секое дополнително попречување на неговиот тек создава потенцијална опасност од попречување на водниот тек по што во услови на поројни дождови какви што се најавуваат и за денес попладне, доаѓа до опасност од излевање на водата.

При нови обилни врнежи, ваквите тесни грла создадени од човечки фактор можат да предизвикаат брзо излевање на водата и поплавување на околината.
Метеоролозите веќе најавуваат нов бран нестабилност. Според синоптичарите, нестабилното време продолжува и во следните денови. Веќе од пладневните часови се очекува локален развој на нестабилност која ќе донесе нови поројни дождови, грмежи и електрични празнења и засилен ветер.












