Дали телефонските измами на возрасни лица се организирано дејествување на меѓународна криминална група? Тоа што досега органите на прогон го дознаваат во својата истрага на неколкуте последователни случаи на измама во Битола се основата за ваков сомнеж и основата за апелот од СВР Битола упатен кон повозрасните граѓани – да не потклекнуваат на било какви притисоци за исплаќање на пари на рака на непознати лица.

Притворањето на 65 годишен маж кој се претставувал како лекар и ги измамувал возрасните со тоа што ги носел во заблуда дека нивните блиски имаат итна животозагрозувачка ситуација за која треба да се дадат пари на рака го открива моментот на сомневање и активности на македонската полиција и обвинителство.
Три измами во 10тина дена пријавија битолчани во текот на минатиот месец што го дополни бројот на пријавени измами генерално. Но, измамата на возрасни токму затоа што се возрасни се вбројува во дрско и безобзирно криминално однесување.
Измамниците се организирани. Го знаат секој чекор што треба да го направат затоа што некој им кажал и направил шема за поддршка и брзо „исчезнување“ од државата исчезнување по сторената кражба со измама. Според некои неформални информации, лицата притворени во изминатиот период станале достапни за полицијата на граничните премини на соседните земји.

Финансиската штета е огромна во однос на животниот стандард на жртвите. Суми од 9.600 и 10.000 евра не се „обична загуба“ – тоа често се животни заштеди. Парите најчесто се предаваат во готовина, пред врата или пред зграда, што укажува на добро координирана логистика. Оттука се наметнува прашањето дали станува збор за пошироки, можеби и организирани групи што делуваат и надвор од Битола. Последната измама за која пристигнала кривичната пријава во СВР Битола се случила пред влезната врата од домот на измамениот.

Начинот на извршување е психолошки прецизен. Измамниците се претставуваат како авторитети -лекари, понекогаш како полициски службеници или роднини, и создаваат чувство на итност – сообраќајна несреќа, тешки повреди, итна операција. Целта е да се исклучи рационалното размислување и да се активира родителскиот или семејниот страв. Кај повозрасните лица, кои често живеат сами, ваквата манипулација има уште посилен ефект. За тоа во тек на телефонскиот контакт измамникот не остава слободен простор на измамените да контактираат со некој друг, се додека не се реализира нивната намера – измамата со предавање на пари на рака.
Dел од жртвите пријавуваат дури откако ќе сфатат дека се измамени, односно кога штетата веќе е направена. Стравот, срамот и недовербата често придонесуваат за задоцнето пријавување
Оттука и апелот на полицијата – никој, особено не возрасните да не потклекнуваат на вакви измами. Па велат,
* Ниту лекар ниту полицаец нема да бара пари по телефон.
* Никогаш не предавајте готовина на непознато лице.
* Прво јавете се на блиските, па потоа во полиција за информации
Старите лица се цел затоа што измамниците сметаат дека се поранливи, помалку информирани и почесто сами. Тоа отвора поширока дилема за улогата на семејството и заедницата.
Па препораката е дека е неопходна добра и честа комуникација со нив, а членовите на семејствата доволно да разговараат со своите родители и баби и дедовци за ваквите ризици од измами.













