ТЕРА

REKLAMA???

„Дебарска“ ќе се распаѓа ако нема поширок план за улиците

По повеќе од дваесет години од последното асфалтирање, на улицата „Дебарска“ во Битола започнаа градежните работи за нејзина реконструкција. Градежна механизација веќе го отстранува стариот и оштетен асфалт, а долж целата улица може да се забележат ископи и натоварен градежен шут, со што и официјално започна првата фаза од обновата на оваа сообраќајница.

Жителите велат дека реконструкцијата е повеќе од потребна, но потсетуваат дека проблемите на оваа улица не се само последица на дотраениот асфалт.

Томислав Дунгов. Неговото семејство живее на улица Дебарска со децении. Тој е роден како жител на оваа улица. Според него, подземната инфраструктура е во добра состојба, бидејќи улицата располага со канализација и пластична водоводна мрежа. Но, вистинскиот предизвик, вели, е водата што се спушта од ридот над населбата.

„Јас сум роден овде, во 1953 година. Улицата првпат беше асфалтирана во 1981 година, а последен пат во 2003 година. Значи, повеќе од дваесет години беше време да се обнови“, вели Томислав Дунгов, долгогодишен жител на улицата.

Според него, подземната инфраструктура е во добра состојба, бидејќи улицата располага со канализација и пластична водоводна мрежа. Но, вистинскиот предизвик, вели, е водата што се спушта од ридот над населбата.

„Проблемот ќе постои и понатаму, бидејќи водите се слеваат од ридот и од околните улици. Како трајно ќе се реши тоа, можат да кажат само стручните лица“, објаснува Дунгов.

Тој се сеќава дека во минатото над улицата постоела заштитна брана која ги задржувала наносите од песок и го регулирала истекувањето на поројните води.

„Браната го собираше песокот, а водата контролирано се одведуваше. Тогаш немавме вакви проблеми. Денес на тоа место има куќи, а со урбанизацијата таа ја изгуби својата функција“, раскажува жителот.

Иако ја поздравуваат реконструкцијата, жителите очекуваат повеќе информации за текот на работите. Поради ископите, пристапот до домовите наскоро ќе биде целосно оневозможен, а дел од нив нема да можат да ги користат своите автомобили.

„Најважно е да нè известат до кога ќе траат работите, за да знаеме каде да ги дислоцираме возилата. Денес сè уште имаме излез преку споредните улици, но за ден-два можеби нема да имаме никаков пристап. Би било добро да се најде привремено решение за паркирање и надлежните да покажат разбирање додека трае реконструкцијата“, вели Дунгов.

Од снимките на терен се гледа дека реконструкцијата е во полн ек. Механизацијата веќе го отстранува стариот коловоз, а по завршувањето на оваа фаза се очекува подготовка на подлогата и поставување нов асфалтен слој.

За жителите на „Дебарска“, обновата на улицата претставува долгоочекуван проект. Но, тие очекуваат реконструкцијата да биде проследена со навремено информирање, добра организација и, пред сè, трајно решение за атмосферските води кои со години го оштетуваат коловозот.