ТЕРА

REKLAMA???

Денеска е Св. Недела

 

Православните верници денеска го одбележуваат празникот посветен на Светата великомаченица Недела. Во Битола годинашното чествување има посебно значење, бидејќи од минатата година во истоимениот храм трајно се чуваат дел од нејзините свети мошти, на кои денеска им се поклонуваат голем број верници.

 

Православните христијани денеска го слават празникот на Светата великомаченица Недела – една од најпочитуваните светителки во православниот свет, чиј живот останува симбол на непоколебливата вера, храброста и жртвата за Христовата вера.

Црквата потсетува дека треба да се прави разлика помеѓу недела како ден во седмицата, посветен на Христовото Воскресение, и Света Недела , празникот на светителката што секоја година се одбележува на 20 јули.

Според житието, Света Недела живеела кон крајот на третиот век, во времето на жестоките прогони на христијаните за време на римскиот цар Диоклецијан. Родена е во побожно христијанско семејство и уште од најрана возраст својот живот го посветила на Христос. Одбила богатство, слава и брак, избирајќи го патот на верата. Поради тоа била изложена на тешки мачења, но не се откажала од своите убедувања. Преданието сведочи дека останала непоколеблива и покрај огнот, темницата и сите страдања, а својот земен живот го завршила маченички, оставајќи пример за вера што не може да биде победена со сила.

За битолчани денешниот празник има и дополнително духовно значење. Минатата година храмот „Света Недела“ беше благословен со донесувањето на дел од светите мошти на Светата великомаченица Недела. Моштите пристигнаа од Холандија, по повеќегодишни подготовки и со благослов на митрополитот Петар, а во Битола беа донесени од протоереј Стеван Здравевски. На 23 ноември минатата година тие беа свечено пречекани со литија и поставени во посебен кивот во храмот, каде што верниците секојдневно можат да им се поклонат и да се помолат.

И денеска, на празникот посветен на светителката, голем број верници ја посетуваат црквата „Света Недела“ во Битола, каде што се служи света архиерејска литургија, а присутните се поклонуваат пред светите мошти, барајќи духовна сила, здравје и благослов.

Православната црква учи дека Светата великомаченица Недела останува застапничка пред Бога за сите што со искрена вера го почитуваат нејзиниот спомен и ги следат вредностите што ги сведочела со својот живот, љубовта, трпението, истрајноста и непоколебливата вера.