ТЕРА

REKLAMA???

Доделени дипломите на прв и втор циклус на студии на Бизнис академијата Смилевски БАС

Вчера, во Народниот театар во Битола, се одржа церемонијата на доделување дипломи на студентите од прв и втор циклус на студии на Бизнис академијата Смилевски БАС. Во присуство на професори, дипломанти, нивните семејства и бројни гости, настанот се одвиваше во достоинствена и свечена атмосфера.

Вкупно 108 студенти успешно го завршија првиот циклус на студии, додека 31 студент ги комплетираа постдипломските студии, односно вториот циклус. Со тоа, уште една генерација млади кадри, подготвени за предизвиците на современиот пазар на труд, го започнува својот професионален пат.

На свеченоста се обрати директорката, проф. д-р Гордана Тасевска, која истакна дека оваа генерација покажа како се учи во време на промени, неизвесност и нови правила. Таа порача дека вистинската вредност се согледува преку разбирањето на разликата помеѓу брзото и квалитетното, нагласувајќи дека не треба да се плашат од големи чекори, бидејќи успехот не е цел, туку процес.

Обраќање имаше и еден од основачите, проф. д-р Цветко Смилевски, кој ја истакна честа и задоволството да се обрати пред дипломантите. Проф. Смилевски нагласи дека дипломата ја потврдува нивната компетентност за менаџерските позиции што ги имаат или ќе ги стекнат во иднина.

Заменик директорот, проф. д-р Тони Соклевски, исто така ги поздрави присутните, оценувајќи дека овој ден е симбол на успехот, истрајноста и посветеноста.

На настанот беше нагласено дека знаењето и изградените лични вредности им овозможуваат на дипломантите успешно да се позиционираат во професионалната средина

Воедно, беше изразено уверување дека оваа генерација нема само да бара можности, туку и активно ќе создава нови, придонесувајќи кон развојот на општеството и современите организации.

Проф. д-р Лидија Стефановска, менаџер за квалитет, ги прогласи најдобрите студенти од генерацијата од прв и втор циклус на студии, истакнувајќи дека квалитетот е основата врз која се темели работењето на БАС, а овие студенти поставија високи стандарди.

На крајот од церемонијата, на дипломантите им беше упатена порака да продолжат со личен и професионален развој, додека награди и благодарници беа доделени и на партнерските организации.

Оваа генерација не е само сведоштво за постигнат успех, туку и силен потсетник дека иднината им припаѓа на оние што се осмелуваат да создаваат, а не само да следат.