Дел од директорите на основните училишта во Битола, ги спорат податоците објавени во официјалниот „Извештај за пријавени обврски по субјекти за период декември 2025 година“ на Министерството за финансии што нашата телевизија ги објави вчера. Станува збор за бројки што, според процедурите, самите институции ги доставуваат до ресорното министерство, а потоа се објавуваат во државниот систем за финансиско известување.
По објавувањето на текстот за финансиската состојба на основните училишта во Битола, нашата редакција се најде под “канонада” на деманти и реакции во кои директорите, главно, не го оспоруваат фактот дека постојат финансиски обврски пријавени во официјалните извештаи, туку наведуваат дека дел од сумите се однесуваат на стари цесии и обврски од претходни години, а не на тековно создаден долг.
Впечатливо е што речиси сите деманти имаат иста структура, исти формулации, исти правни и новинарски фрази и речиси идентична аргументација. Тоа остава впечаток дека или постои координирана комуникација, или демантите се подготвени по ист шаблон, или има централизирана помош, односно насока, при нивното пишување.
Со ваквите деманти, одговорните лица во училиштата практично ја ставаат ТВ Тера во апсурдна и непријатна ситуација да треба да демантира официјални податоци објавени од Министерството за финансии кои редакцијата ги пренесе од јавно достапен државен документ.
Со цел да ја избегнеме оваа уникатна појава во која директори на училишта ги спорат податоците од министерство во Владата на Република Северна Македонија, апелираме до директорите забелешките за евентуални неточности да ги адресираат до институцијата што ги води и објавува овие податоци, односно Министерството за финансии. Нашата телевизија веднаш ќе ги пренесе ажурираните податоци кои ќе ги објави министерството. Секако, до односното министерство ќе се обратиме и ние како телевизиска куќа за да ги информираме и да побараме одговори за оваа досега невидена ситуација.












