„Мода со втор живот: пренамена, реупотреба и одржливост“ – Ова беше темата на модниот форум кој денеска се одржа во Офицерскиот дом во Битола во организација на „Добредојде Македонија – Welcome Centre“.
„Ние веќе 4 години работиме на поддршка на женското претприемништво преку занаети и одржливост со цел да ја подигнеме свесноста дека занаетите можат да бидат основа за самовработување затоа што во нашата колективна меморија се знаењата за плетење, везење, шиење, ткаење и тоа е она што сакаме да го поттинеме до ниво на самовработување.“-изјави Емилија Миладинова Аврамчев, Претседател на „Добредојде Македонија – Welcome Centre“.

На форумот за своите искуства во однос на одржливата мода зборуваше Ирина Тошева-македонска модна дизајнерка и едукаторка за одржливост.
„Целта е да ги инспирираме новите генерации и идни модни дизајнери да ја реупотребуваат облеката, подолго да ја користат, да купуваат облека од втора рака и се што е поврзано со циркуларна економија. Сакам низ мојот пример да покажам дека Македонија е еден одличен пазар за сето ова, дека се менуваат видиците на купувачите и дека треба сите полека да се вртиме во тој правец.“-вели Тошева.

Настанот е дел од проектот „Зајакнување на женското претприемништво преку занаетчиство и одржливост“, реализиран со поддршка на Амбасадата на Република Словенија и Министерството за надворешни и европски работи на Република Словенија.
„Целта е да ја зајакнеме свеста за одржливоста кај модата односно текстилот, бидејќи знаеме дека има многу отпад од текстил. Во рамките на овој проект и со денешниот настан сакаме да дадеме примери како модата односно текстилот да се вклучени во т.н.циркуларна економија.“-рече амбасадорот на Словенија во Македонија, Грегор Прескер.

Форумот беше уникатна можност за размена на знаење, позитивни практики, инспирација и создавање контакти со експерти кои го трансформираат текстилот во одговорна и одржлива мода.












