Горан Исков е новиот претседател на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. Во својата досегашна политичка кариера, од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, извршуваше функции како координатор на изборна единица и потпретседател на Општинскиот комитет, а во моментов е директор на ЕСМ „Молика“. Со него направивме кус телефонски разговор, за прифаќањето на функцијата, предизвиците со кои се соочува и неговите планови за евентуални кадровски промени во раководството.
„Првин, благодарам за честитките.
Ова е голема обврска и голема доверба која ми беше укажана. Претставува обврска пред партијата, пред членството, но и пред граѓаните на Општина Битола.
Ќе се трудам во периодот што следи, рамо до рамо со сите мои сопартијци, со целото мое членство, со пратениците, но пред сè со граѓаните, со битолчани, да ги слушам нивните барања, нивните проблеми и да ги претставувам пред институциите каде што ги застапувам.
Предизвиците на Општинскиот комитет се, секако, работата на партијата да биде насочена кон теренот, подготовка на месните комитети за активна работа за идните партиски настани и случувања, поголема транспарентност и отчетност пред граѓаните, како и поинтензивна и поотворена комуникација, со цел усогласување со нивните секојдневни барања и потреби.
Првите чекори што ќе ги направиме… Сè уште е рано многу да зборувам, бидејќи немаат поминато ниту 24 часа од моето назначување. Меѓутоа, веќе сме подготвени и размислуваме за нови кадровски освежувања во партијата во Битола.
Се надевам дека во периодот што следи ќе добиеме и нови имиња кои ќе го застапуваат и претставуваат новиот Општински комитет, предводен од мене. Како претседател имам право да изберам свој тим и свој нов Општински комитет, и тоа ќе го создадам во наредниот период.
Се надевам дека голем дел од имињата, докажани и врвни професионалци, луѓе кои максимално се посветиле во изминатиот период, ќе добијат повторна можност.
Но, ќе има и нови луѓе кои ќе донесат мало освежување и нов придонес во делувањето и работењето на структурите на партијата во периодот што следи. “












