По неколкудневниот топлотен бран, следува промена на времето. метеоролозите најавуваат дожд, грмежи и пад на температурите, но лекарите предупредуваат дека опасноста од високите температури сè уште не е помината. и покрај освежувањето, потребна е претпазливост, особено кај децата, повозрасните и хронично болните лица.
Со 30 степени Целизусови измерени во 10 часот и само 33% влажност на воздухот во истото тоа време, како што кажуваат податоците на Управата за хидрометереолошки работи, Битола и Пелагонија живеат во топли и суви временски услови, со силно сончево зрачење и брзо загревање на воздухот.
Овие екстремно топли денови претставуваат проблем за сите живи суштества – почнувајќи од посевите, завршувајќи со луѓето.
Според метереолозите следува временски пресврт, но тоа повторно за многумина ќе претставува проблем.
Според најавената прогноза на метеоролозите, до в петок времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално се очекуваат и краткотрајни невремиња проследени со појава на град, а во петок и пообилни врнежи од дожд. Ова се се најавува во попландевните часови. Но, прогнозата се однесува за секој ден, а искуството покажува дека метереолозите не погодуваат 100%.

Ова подразбира дека постои зголемен ризик од топлотен стрес, особено кај лица кои работат на отворено, постари лица, деца и хронично болни.
Здравствените работници предупредуваат дека и покрај најавеното освежување, граѓаните не треба да се опуштаат. Организмот и понатаму е изложен на последиците од топлотниот бран, па препораките за заштита остануваат на сила. Најтоплиот дел од денот треба да се избегнува, а физичките активности да се завршуваат до 11 часот претпладне или по 17 часот попладне. Вода треба да се пие пред да се почувствува жед, затоа што дехидратацијата настапува незабележително.
Особено внимателни треба да бидат хронично болните, лицата со срцево-садови, белодробни и невролошки заболувања, како и постарите граѓани и малите деца. Тие редовно треба да ја земаат пропишаната терапија и при секоја промена на здравствената состојба да се обратат кај својот матичен лекар.
Високите температури носат и зголемен ризик од труење со храна.

Надлежните советуваат да се купуваат само безбедни и правилно складирани производи, месото, млекото и јајцата да се чуваат во фрижидер, а овошјето и зеленчукот темелно да се мијат пред употреба. Храна со променет мирис, боја или поминат рок на употреба не смее да се консумира.
Иако временската прогноза најавува пад на температурите, здравствените служби потсетуваат дека топлотните бранови остануваат сериозен ризик по здравјето и дека почитувањето на препораките е најдобрата заштита од последиците на летните горештини.
Метеоролозите апелираат граѓаните редовно да ја следат временската прогноза поради можноста од локални невремиња, а здравствените работници со кои зборувавме потсетуваат дека превенцијата, правилната хидратација и внимателното чување на храната се најважните мерки за безбедно справување со летните температурни екстреми.











