Жители не улицата „Гостивар“ во Битола се жалат на својот иден сосед и на работата на градежниот инспекторат во Општина Битола. Иако навремено предупредувале дека се гради надвор од дозволените граници, бавната и можеби непрофесионална активност на битолската градежна инспекција сега ги исправа пред правосудните органи и против својот иден сосед или против Општината.
Сопствениците на куќа на ул.„ Гостивар“ уште малку па ќе имаат „блиски средби и видувања со сите гости на новиот хостел во градот“.
Тоа доколку состојбите останат и понатаму без вистинската и законска реакција на надлежните органи во Општината и државните инспекциски органи.
Во ноември минатата година еден од соседите на објектот што се гради од Општина Битола побарал инспекција на градежните работи затоа што градителот отворил прозорци непосредно до нивниот балкон и кујна со дневна соба со што им ја нарушува приватноста. Но, Инспекцискиот надзор кој се реализирал веднаш станал игра со општинската админсттрација и градежниот инспекторат. Сега жителите сметаат дека непрофесионалното постапување на инспекторот довело до недозволена градба без соодветна пренамена од станбен во деловен објект.
Најпрвин записникот од увидот го добиле по свое упорно барање, 5 недели по инспекцијата. Тогаш откриле дека во него ги нема нивните забелешки и се информирале дека на просторот се подготвува „објект за привремено сместување“ – хостел.
Денеска камерата на ТЕРА беше на улица Гостиварска. Соседите од трите страни на објектот на кој се изведуваат градежниработи велат дека „им каснале од нивниот имот“ или со отворени прозорци од соби и тоалети , сериозно ќе ја нарушува нивната приватност.

Во месецот додека тие од Општината го очекувале Записникот, градежните работи се одвивале непречено и тврдат, забрзано. Па забележувале и почнале да се сомневаат дека објектот се гради надвор од габаритот на претходниот објект кој наводно се реконструира, забележале дека градежните работи се во правец кон отворање на 12 нови тоалети, дека на секој од прозорците е оставен простор за климатизери кои доколку се постават ќе создаваат бучава со својата континуирана работа. На лето ќе предизвикуваат дополнителна жештина.
Напишале и испратиле приговор до Градежниот инспекторат за непрофесионалното однесување и работење на општинските инспектори. Трет месец очекуваат одговор на приговорот, но документот сеуште го нема. А во меѓувреме нивниот нов сосед ја ставил и фасадата.
Улица Гостивар е 5 метри улица со петнаесеттина сопственици на куќи. Сите се обединиле против очигледниот план во срцето на нивната мала заедница да има хостел или било каков друг објект за привремено сместување. Напишале петиција и ја испратиле до Секторот за внатрешни работи од Битола. Но и оттаму немале позитивна повратна информација.

Никој од надлежните органи не донел Решение за привремено прекинување на градежните работи. Или барем жителите на улицата не знаат дали е донесено такво. Ангажирале и адвокатско друштво со чија помош од оппштината бараат одговор на приговорот, придвижување на надлежните. Тоа засега го нема.

Упативме одговор на прашањата за административно-правниот статус на објектот во реконструкција и доградба до прес службата на Општина Битола. Нивниот одговор ќе биде емитуван кога ќе пристигне.
Во меѓувреме, жителите на улицата се подготвуваат за тужба. Досега се изложени на трошоци поврзани со констатирање на фактичката состојба. И се исправени пред дилемата дали тужбата да ја насочат кон својот нов сосед кој сака на среде улица да развива бизнис од ХОРЕКА секторот или кон Општината?













