ТЕРА

REKLAMA???

ЦУК: Сива Река се излеа во близина на археолошкиот локалитет Хераклеја во Битола

Врнежите од дожд предизвикаа проблеми во Битолскиот регион. Во Битола Сива Река се излеа во близина на археолошкиот локалитет Хераклеја, а беше регистриран и одрон на магистралниот пат Е-65, информираат  од Центарот за управување со кризи.

„На подрачјето на Битола има излевање на Сива Река во близина на локалитетот Хераклеја за што се информирани од Јавното претпријатие „Нискоградба“ Битола и се преземаат соодветни мерки. Исто така регистриран е и одрон на магистралниот пат Е 65 за што е известено Јавното претпријатие „Македонија пат“, информираше за ТЕРА телевизија Надица Вчкова, портпарол на ЦУК.

Во изминатите 24 часа, поради врнежи од дожд и снег, на повеќе места низ државата е забележано покачување на нивото на реките. Во Општина Новаци нивото на Црна Река достигнува околу 280 сантиметри.

„Во Општина Могила засега нема пријавено штети, во Крушевско нивото на реката Црна кај село Бучин е стабилно и засега нема опасност од излевање и поплавување. Во Демир Хисар на ова подрачје нема предизвикани штети од врнежите од дожд, водостојот на реката Црна е зголемен, но, нема значителни излевања“, додаде Вчкова.

Инаку, врнежите од дожд не предизвикаа поголеми проблеми во Ресен а нивото на Голема Река изнесува 124 сантиметри и не постои ризик од нејзино излевање, информираше ЦУК.