Советниците во Општина Битола на претстојната седница ќе расправаат за завршните сметки и извештаи на јавните претпријатија и установи за 2025 година. Анализата на финансиските резултати покажува дека четири субјекти ја завршиле годината со загуба, додека шест прикажуваат позитивен финансиски резултат.
Најголема загуби има ЈКП „Водовод“ во износ од 53,87 милиони денари, веднаш зад него е ЈП „Комуналец“ со 53 милиони денари загуба. КЈП „Нискоградба“ ја завршило годината со минус од 20,8 милиони денари, а ЈП „Пазари“ со загуба од 2,25 милиони денари.
Вкупната загуба на овие четири субјекти достигнува 130 милиони денари.
Од друга страна, позитивен финансиски резултат прикажуваат шест институции.
Најдобар резултат има Домот за стари лица „Сју Рајдер“ со суфицит од 3,14 милиони денари. Следуваат МЈП „Пелалинк“ со 2,14 милиони денари, КИЦ Битола со 1,61 милион денари, ЈП за јавни паркиралишта со 536 илјади денари, ЈП „Жабени“ со 430 илјади денари и Зоолошката градина со 314 илјади денари позитивен резултат.
Вкупниот позитивен резултат на овие шест субјекти изнесува 8,18 милиони денари.
Кога ќе се споредат добивките и загубите, нето финансискиот резултат на десетте анализирани јавни претпријатија и установи е негативен и изнесува речиси 122 милиони денари.
Најголемиот дел од граѓаните не ги интересираат, ниту пак ги разбираат термините како „ликвидност“, „акумулирана загуба“, „краткорочни обврски“ или „побарувања“.
Она што ги интересира е дали ќе имаат поквалитетна вода, почисти улици, подобар јавен превоз, повеќе културни содржини, подобра грижа за старите лица и поквалитетни јавни услуги.
На крајот, секоја добивка или загуба се сведува на едно прашање – дали животот во Битола станува подобар или полош за граѓаните.













