ТЕРА

REKLAMA???

СО НОВ ЕВРОПСКИ ПРОЕКТ ЌЕ СЕ ЗАШТИТУВА КАФЕАВАТА МЕЧКА ВО МАКЕДОНИЈА

Зачувување на популацијата на кафеавата мечка која што живее и во Македонија, вклучително и во Националниот парк Пелистер. Ова е целта е на нов европски проект кој во фокусот ја става кафеавата мечка во Динаро-Пиндскиот Регион.

Се работи за прекуграничното управување и зачувување на динаро-пиндската популација на кафеавата мечка преку проектот LIFE DinPin Bear којшто до 2031 година ќе го спроведуваат дури девет европски држави, вклучително и Македонија, под водство и координација на германската организација EuroNatur.

Проектот е замислен како мултидисциплинарно партнерство меѓу универзитети и истражувачки институции, национални и локални власти и невладини организации од областа на екологијата и животната средина, а секоја земја ќе учествува со претставници од една владина институција и една невладина организација.

Проектните активности треба да придонесат за намалување на фрагментацијата на живеалиштата, поттикнување на мирната коегзистенција меѓу луѓето и мечките, зајакнување на законската рамка и практиките на управување, унапредување на прекуграничната соработка и вклучување на заедниците за долгорочно позитивно влијание врз шумските екосистеми.

Целта на проектот е креирање на неопходни правни, управувачки и социо-економски услови за да се осигура зачувувањето на популацијата на кафеавата мечка долж Динаро-Пиндскиот планински масив.

Kафеавата мечка која што живее во Македонија е најголемиот копнен месојад на европско тло.

Овдешната популација на кафеавата мечка е дел од Динарско-пиндската популација која се протега од Словенија на север па сѐ до Грција на југ.

Во Македонија ги населува листопадните и мешаните планински шуми во западните, јужните и југозападните делови од земјата.

Сe претпоставува дека кај нас живеат околу 300 единки. Веродостојни податоци за големината на популацијата се важни со цел да може да се планираат и спроведуваат мерки за нејзина соодветна заштита.

Кафеавата мечка е заштитен вид кај нас – нејзиниот лов е забранет со националната легислатива и со повеќе меѓународни документи и конвенции што Македонија ги има ратификувано.