Во Битола речиси и да нема јавно претпријатие што не е во долгови. Дали под капата на Општината или под Владата, резултатот е ист, минус во касата. Следува анализа на состојбите во Јавното претпријатие „Стрежево” институцијата што управува со хидросистемот од кој зависат Битола и Пелагонија.
Во Битола веќе одамна не е вест дека јавните претпријатија се “дават” во долгови. Но, кога во минус тоне претпријатие што управува со водата за пиење и за индустријата, тогаш тоа не е само финансиски проблем, туку аларм за регионот и државата.
Според податоците на Министерството за финансии, дупката во касата на Стрежево станува се поголема. На крајот на 2025 година долгот на претпријатието надминал 10 милиони денари, а ако се погледнат последните три години, јасно се гледа дека „Стрежево” тоне во долгови со темпо од околу 3 милиони денари годишно.
Прашањето е едноставно: Каде одат парите и зошто претпријатието не успева да ја стабилизира финансиската состојба?
Во нормални услови, растот на долговите би можел да се оправда со инвестиции нови проекти, модернизација или проширување на капацитетите. Но, такви проекти во Стрежево речиси и да нема. Наместо со инвестиции, 2025 година беше обележана со незадоволство кај пелагониските земјоделци, кои се жалеа на рестрикции во водоснабдувањето од хидросистемот. Со други зборови, долговите растат, а водата се намалува.
Но, можеби најшокантниот податок е еден што воопшто не се гледа во официјалните табели. Според информации до кои дојде Тера Телевизија, се поставува прашањето дали е точно дека ЈКП „Водовод” Битола му должи на „Стрежево” околу 80 милиони денари?
И покрај тоа, нема информации дека претпријатието води сериозна постапка за наплата на тие средства. Ако ова е точно, тогаш се отвораат редица прашања на кои граѓаните очекуваат одговори: Дали некој намерно дозволува ова претпријатие да тоне во долгови?; Зошто тие пари не се наплатуваат?; Зошто едно претпријатие што е во долгови дозволува да му висат десетици милиони денари побарувања? На крај, дали станува збор за административна неспособност, политички договор или нешто трето?
За да биде иронијата поголема, и покрај ваквата финансиска состојба, „Стрежево” добило согласност од Владата за 16 нови вработувања.
За разлика од јавните претпријатија под Општина Битола, управувањето со „Стрежево” е директно под контрола на Владата на Република Северна Македонија. Владата ги именува директорите и членовите на Управниот и на Надзорниот одбор. Можеби затоа нивните имиња често поминуваат незабележано. А, од јавно достапните податоци, дел од нив сигурно би го привлекле вниманието на јавноста. Така, претседател на Управниот одбор е докторот во пензија од Социјалистичката партија, Ѓорѓи Ѓоргиевски. Еден од членовите е и поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ стар и докажан кадар, Анета Стефановска.
Претседателка на Надзорниот одбор, пак, е книговодителката на поранешниот градоначалник, Владимир Талески, и поранешна раководителка во секторот финансии во Општина Битола, Благица Талевска.
Заеднички именител за јавните претпријатија во Битола, без разлика дали се во надлежност на општината или на Владата, е фактот што никој не бара одговорност за состојбите од менаџерските тимови што ги раководат. Но, за разлика од многу други, „Стрежево“ не е обично претпријатие.
Тоа е критична инфраструктура за целиот пелагониски регион и обврска на Владата е час побрзо да реагира.













