4ца од 10мина кои учествувале во интернет анкетата на тера летово својот годишен одмор ќе го поминат дома. за желбите не се дискутира, потребите што да се прави за време на летниот одмор се индививуални, а толкувањето зошто е тоа така е оставено на експертите по економија, финансии, социологија и психологија.

Секогаш актуелна тема во летниот период е каде на одмор. Оттука и интернет / веб анкетното прашање на ТЕРА во изминатиот период беше тоа – каде планирате да летувате? Со четири јасни можни одговори – море, езеро, планина, дома.
Анкетата на ТЕРА покажува дека 39,56 проценти од граѓаните планираат летување на море. Значи, морето повторно победува. Сонце, плажа, лежалка, ладен пијалак… и бројни придобивки : ранобудност – за да се пристигне на јавната плажа порано од другите, физичка кондиција – за да се најде најевтината лежалка и вежби од комуникација – на лош српски во Грција на пример велите „евтино е де“, и пиете ладно фрапе по стопати на ден.

Морето не значи автоматски и безгрижен одмор. Трошоците за превоз, сместување, храна и престој се сериозна ставка во семејниот буџет. Оттука, разликата меѓу морето и следниот избор е особено интересна.
36,44 проценти од анкетираните велат дека летово ќе летуваат – дома. Речиси четворица од десет. Ова подразбира дека додека едни анкетирани ќе бараат најдобра плажа, други ќе го користат постојано резервираниот кауч пред телевизор.

Познавачите на парите велат дека зад ваквата мала разлика стои економскиот момент, фактот дека за месечната синдикална кошничка се потребни над 1.000 евра, а за да се оди на одмор на море се потребни трипати повеќе. Многумина годишно користат кредити, многумина не се солвентни од кредитите кои ги зеле за сметки.
На езеро би летувале скоро 17 % од учесниците во анкетата (16,89 проценти).

Од бтолска перспектива, езерото – Преспанско или Охридско е привид дека трошоците се помали. Затоа што статистиките покажуваат дека трошокот е ист, се намалува само за бензинот, доколку патувате со свое возило. И, од битолска перспектива, едно од двеве езера е доволно далеку да не ве повикаат од работа за да направите нешто што можете само вие. Затоа што патувањето, доматите, опремата, и детскиот „данок“ на плажа, се иста мака.

Значајно за натамошна анализа е зошто само 7,11 проценти од анкетираните ја избрале планината. Пелистер за битолчани е пред врата, многумина и го посетуваат, но тоа не им вклучува летен одмор од повеќе денови. Планината очигледно се разбира како место за зимски одмор. Затоа што со Молика како хотел и атрактивните активности за еко туризам што ги нуди НП Пелистер, укажува на фактот дека постои простор за кратки одмори, викенд понуда, се што се нарекува домашен туризам.

Сепак, фактот дека за летен одмор на море планираат само 3% повеќе од тие кои планираат да останат дома заедно со генералниот заклучок дека за на одмор треба повеќе пари, ја наметнува размислата, дали годинава виситинското анкетно прашање е колку пари ќе ви требаат за да летувате дома? Затоа што на овие температури, за дома ќе ви треба клима, па со сметката за струја, ќе стигнете до трошок како на одмор.











