ВМРО-ДПМНЕ “крчка” нов Деловник за работа на Советот на Општина Битола. Образложението е да се унапреди транспарентноста и да се модернизира работата на Советот и советниците. Но, откако ќе се прочита внимателно текстот, се отвора прашањето дали тоа е вистинската намера?
Документот на прв поглед делува како чекор напред. Воведува дигитализација, обврзува на јавност преку преноси во живо и поставува процедури за функционирање. Но, кога ќе се прочита внимателно, станува јасно дека не се работи само за нов деловник, туку за сосема нов начин на водење на Советот – со многу повеќе контрола и многу помалку вистинска дебата.
Со новиот деловник, централна улога добива претседателот на Советот на Општина Битола. Тој го креира дневниот ред, тој ја води расправата, тој одлучува кој зборува и што е дозволено да се зборува. Во пракса, една позиција добива огромна моќ. Така, новиот деловник, забранува „политички маркетинг” во говорите. А, што е тоа одлучува претседателот!!! Ако советник каже „Ова е лош проект на општината”, “Ова е погрешна политика на власта”, „Ова е партиска одлука на ВМРО-ДПМНЕ”, многу лесно претседателот може да го прекине со образложение дека во говорот има „политички маркетинг”. Со други зборови, советникот има право да зборува, ама само ако тоа му се допаѓа на претседателот! За разлика од советниците, градоначалникот може да зборува на која точка сака, кога сака!
Втора огромна и суштинска промена која се воведува е работата на комисиите. Досега, тие имаа реална улога да предлагаат измени, да влијаат врз содржината на актите и да бидат вистински филтер за предложените материјали, пред истите да се најдат на седница на Совет. Расправата беше широка, понекогаш и хаотична, но суштински демократска. Сега, се предлага комисиите да не смеат да менуваат ништо во формата и содржината на материјалите што се испратени до нив. На пример, доаѓа одлука за трошење пари, урбанистички план или некој проект. Членовите на комисијата гледаат проблем или имаат потреба од дополнителни материјали или сакаат да предложат измени. Не може! – вели предлог деловникот. Советот гласа за текст што никој не смее да го допре.
Новиот деловник воведува и класичен механизам за т.н. тивко блокирање на непожелни теми. Се воведува обврска предлагачот да биде присутен на точката што ја предлага, во спротивно точката се одложува или паѓа. Понатаму, со мнозинство гласови, јавноста може да биде исклучена од работата на советот ако за тоа постоеле оправдани причини кои во документот не се дефинирани. Исто така, граѓаните можи да ги гледаат седниците на Youtube или на Фејсбук, ама не можи да коментираат.
Ова во кратки црти се најважните измени во работата на Советот што ги предвидува предлог-деловникот. Постојат уште редица други опасни формулации и репресивни мерки со кои градското собрание од арена на аргументи и спротивставени ставови, се трансформира во контролирана алатка. Впечаток е дека наместо да се поттикне дебата, различност и корекција, се воведува дисциплина, предвидливост и контрола. Оттаму, дилемата дали сакаме Совет што расправа или Совет што функционира по мерка на претседателот, односно партијата?













