Булеварскиот влез во Битола од страната на Прилеп повторно го привлекува вниманието на битолската јавност. Додека граѓаните очекуваат финализација на започнатите работи, наместо тоа на терен се вршат корекции.
Исечен асфалт на повеќе места, пропаднат тротоар, оградени делови каде треба да се корегира. Се прави па се преправа.
Првата фаза опфаќа 840 метри и таму се вршат корекции на дури 11 позиции, откако надзорот утврдил дека треба да се направи корекција на велосипедски премини, корекција на сливници и жардинери, корекција на ограда на потпорен зид и друго.
Од она што може да се види на терен најчудно е како тротоарот пропаднал иако е мошне нов, особено што во последниот период ниту имаше временски неприлики кои би можеле да влијаат на тоа, ниту пак временските прилики би требало толку лесно да оставаат вакви последици.
Ова логично го отвора прашањето за квалитетот на изведбата на целиот проект каде не за прв пат се случуваат оштетување, по што мора да се интервенира повторно. Ова секако чини пари и го одолговлекува траењето на изведбата на проектот. Последиците најмногу ги чувствуваат граѓаните.
Премиерот Христијан Мицкоски на 17 јуни 2025 годинс изврши увид на изградбата на новиот булеварски влез во Битола при што побара забрзана динамина на изведбата бидејќи како што рече има уште седум до осум месеци до крајот на рокот.
Инаку претходно, Мицкоски го стави камен-темелникот на 26 јули 2024, а тогаш како изведувач на проектот беше посочена градежната компанија „Гранит“.
Денес на местото каде се изведуваат градежни работи на булеварскиот влез стои табла на која пишува дека се работи за: Реконструкција на линиска инфраструктурна градба на улица 8-ми септември и тоа: Реконструкција со доградба на коловоз (840 метри), изградба на атмосферска канализација, реконструкција со дислокација на мешовита канализација на дел од улицата. Изработка на куќни приклучоци на мешовита канализација, реконструкција со дислокација и изградба на водоводна мрежа на дел од улицата 8-ми септември и изградба на улично осветлување на дел од истата улица.
Инвеститор е Владата, додека како изведувачи се посочени група на изведувачи и тоа: ГД Гранит АД Скопје и БВ Инжинеринг ДООЕЛ Битола. Надзорот го врши ЗИМ АД Скопје. Се работи според одобренија за градба од општина Битола од 29.04.2024 и 09.05.2024 година.
Булеварскиот влез, со ширина од 27,5 метри, ширина на двата коловози од по 7,5 метри, со урбано уредена површина која ќе ги разделува двата коловоза со пешачки и велосипедски патеки од 5,5 метри по страните, ќе се гради до клучката каде ќе се поврзува со автопатот од Прилеп.












