ТЕРА

REKLAMA???

Загрижувачки луксуз: Зошто ЕУ стави крај на уништувањето на непродадената облека?

Години наназад, уништувањето на облеката и модните додатоци не беше исклучок, туку бизнис алатка.


Луксузните куќи претпочитаа да ја уништат стоката отколку да ја продадат со попуст, бидејќи за нив вредноста не е само во материјалот, туку во нејзината ексклузивност.
Брендот Burberry пред неколку години призна дека за само една година уништила непродадена облека и козметика во вредност од над 31 милион долари — само за да спречи стоката да заврши на таканаречениот „сив пазар“.


Но, оваа расипничка пракса веќе нема да поминува неказнето, барем не во Европската Унија. Од 19 јули оваа година, на големите компании во ЕУ официјално им е забрането да уништуваат непродадена облека, обувки и модни додатоци.


Според податоците на Европската агенција за животна средина, меѓу 4 и 9 отсто од текстилот пласиран на европскиот пазар се уништува уште пред да биде облечен — што изнесува зачудувачки 600.000 тони отпад годишно.


Зошто ЕУ пресече? Причините се двојни: еколошки и ресурси. Во време на климатска криза, кога текстилната индустрија е еден од најголемите загадувачи на планетата, фрлањето на нови производи е луксуз што светот повеќе не може да си го дозволи. Новата регулатива за екодизајн има за цел да го запре безумното трошење на ресурси и да ги натера компаниите да се преориентираат кон повторна употреба, донирање или рециклирање.

За модната индустрија ова значи целосен пресврт. Брендовите сега се соочени со јасен избор: или ќе ги подобрат прогнозите за побарувачката и ќе произведуваат помалку, или ќе мора да инвестираат во паметни канали за распределба и рециклирање.


Еден од светлите примери е иницијативата токму на Шанел, која основа посебна компанија за пренамена на неискористени материјали. Сепак, експертите се согласуваат — вистинската промена бара промена во менталитетот. Кога модата ќе престане да биде еднократна потрошувачка стока, тогаш и природата конечно ќе здивне.