Со воведување на шумски ред и соодветни мерки на терен Националниот парк Пелистер пристапува кон сериозна заштита на моликата на Пелистер. Старите моликови шуми се на удар на временските непогоди, но превентивните активности се важни за создавање услови за нови моликови стебла на во националниот парк.
„Во декември 2024 година и почетокот на 2025 година имаше природни непогоди во поголеми размери во форма на снегоизвали, ветроизвали и снеголоми. Оштетен беше поголем дел од НП Пелистер, оштетени беа повеќе стебла, а најпогоден беше локалитетот Бегова чешма каде што е старата моликова шума. На тие простори моликата ја има достигнато физиолошката зрелост и тие дрва се подложни на оштетувања.“-вели Пројчевски Зоран, раководител во Национален парк Пелистер.

Од националниот парк за настаните штети известиле до регионалниот инспекторат, по што веднаш излегла инспекцијата на терен.
„Подговен беше записник и решение и брзо се рагираше односно се исчистија попречените планинаски патеки. Следеше средба со домашни експерти на која стана збор за воведување на шумски ред. Тоа значи на места каде има паднати, скршени стебла ги отстранивме. Воведовме шумски ред и сега резулатите се видливи, стабилизирана е состојбата, а на тие места можи да се забележи поник од молика. Односно просторот се ослободи, продре светлина, а моликата е светлољубив вид. Со тоа веќе има подмладок од молика.“-вели Пројчевски.
Со одлука на Влада посебна работна група ќе работи на изнаојѓање на решенија на проблемот со старата моликова шума.
„Станува збор за еден покрупен проблем. Силно веруваме во изнаојѓање на квалитетни решенија затоа што оваа група ќе ја сочинуваат заменици и членови кои што се врвни експерти од областа на животната средина и шумарството и кои работеле на повеќе научни трудови поврзани со НП Пелистер.“-вели Иванчо Тошевски, директор на НП Пелистер.

Таму каде има пристап до сончева светлина во паркот се бележат позитивни резултати односно забрзан раст на подмладокот на моликата.
„Декември 2024 и јануари 2025 по ударите од ветер и врнежите од снег околу 1100 стебла беа паднати. Тоа беа оштетени, физиолошки ослабени стебла и заболени стебла. По насока на експертите тоа е веќе сработено и имаме сериозна стабилизација на шумскиот еко систем и забрзан раст на подмладокот на моликата.“-вели Тошевски.
Од националниот парк информираат дека и во наредниот период продолжуваат мерките за долгорочна ревитализација на моликовата шума.












