Во Битола горлив проблем е семејното насилство. Токму затоа, од суштинско значење се поддршката и заштита на жртвите на семејно и родово базирано насилство, рече на минатонеделната седница на Советот, советничката на СДСМ, Јадранка Павловска.

„Ова се жртви кои понекогаш, во даден момент остануваат на улица. Токму поради тоа, ја предлагам оваа точка за дополнување на Дневниот ред која гласи: Одлука за отстапување , обезбедување на станбен простор за привремен престој и згрижување на жртви на семејно и родово базирано насилство. Општина Битола да отстапи и обезбеди или прилагоди станбен простор што ќе служи како шелтер центар за заштита на жртвите од семејно и родово базирано насилство. Овој простор ќе стане безбеден дом и сигурно прибежиште за жртвите на семејно насилство. Во него жртвите ќе добијат итно сместување, стручна поддршка, советување и помош, се до стабилизација на ситуацијата и до пронаоѓање на трајно решение. Кога ќе се обезбеди просторот и ќе се исполнат соодветните услови да се објави Јавен повик за организации или организација која ќе управува со Центарот и ќе обезбеди специјализирани услуги од областа на социјалната заштита“-предложи на минатонеделната седница на Советот на Општина Битола, Јадранка Павловска, советничка на СДСМ.
Предлогот на Павловска не беше поддржан од советниците на владејачкото мнозинство. Поддршка дадоа само 14 советници.

Во Битола, жртвите на семејно насилство најчесто се жени, но, има и мажи коишто пријавуваат насилство.
Според податоците на Секторот за внатрешни работи Битола, минатата 2025 година во Битолската полиција вкупно имало 58 пријави за семејно насилство.
Инаку, во Женскиот центар за поддршка Битола, жртвите на семејно насилство се почесто се охрабруваат да побараат поддршка.
Оттаму, велат дека во некои семејства семејното насилство трае со години, а помладите генерации за разлика од повозрасните, се поохрабрени да побараат помош.












