Најавуван уште од 2024 година, проектот што требаше да внесе ред меѓу пешаците, автомобилите и вечната битка „кој прв ќе помине“ кај Епинал денеска конечно стигна до својата највидлива фаза – на Широк Сокак никнаа семафори.



Работите започнаа пред неколку месеци. Најпрво се копаше, се поставуваше електрична инсталација, никнаа и елегантни столбови кои едно време изгледаа како модерна урбана декорација. Старовремската инсталација е столб за поставените семафори, како дел од задржуавње на автентичниот лик на старата улица и се вклопува во архитектурата.
Од Општината проектот го најавува како метод за зголемување на безбедноста на сообраќајот во центарот на градот. Токму во реонот каде што во летните месеци улицата „Димитар Илиевски – Мурато“ е делумно исклучена од сообраќајот, затоа што е блокирана за пешаци, пред „“Епинал“.
Најпрвинн се реализира поширување на пешачката зона околу плоштадот „Гоце Делчев“, потоа и се воведе светлосната сигнализација на крстосниците.



Ист ваков зафат е предвиден и на крстосницата со улицата „Солунска“, каде што во деновите кога Широк Сокак е затворен за сообраќај, нервозата на возачите расте побрзо од колоната автомобили. Таму пешаците со години имаат предност, а возачите можност за вежбање трпение.
Додека се поставуваа семафорите, ги прашавме битолчани кои го посведочија овој чин што мислат, за семафорите.



Дали ќе биде побезбедно или само ќе има уште едно место каде што ќе се чека зелено светло, ќе покаже времето. Дел од анкетираните веќе имаат подготвен одговор за идните анкети.
Според неформални информации пешачките семафори ќе функционираат во периодот кога сообраќајот е дозволен на овој потег, односно во поголемиот дел од годината. Во летните месеци, кога просторот повторно ќе им припадне на пешаците, семафорите ќе можат мирно да одмораат заедно со автомобилите што нема да минуваат таму. Како досега.












