ТЕРА

REKLAMA???

Над 70 проценти од лекарите се соочиле со физичко или вербално насилство на работното место

Повеќе од 70 проценти од лекарите во Македонија се соочиле со физичко или вербално насилство на работното место од кои 80 проценти биле изложени на вербално насилство, а 6,8 отсто на физичко насилство.

Ова го покажува анонимна анкета на Лекарската комора на Македонија.

Најголемиот дел од случаите се премолчуваат и воопшто не се пријавени, доминираат вербалните напади, а и физичките напади не се реткост.

Надлежните велат дека насилство врз здравствен работник треба веднаш да се пријави, бидејќи станува збор за кривично дело за кое е предвидена казна затвор.

„Речиси 70 проценти од нападите воопшто не се пријавуваат. Напад врз здравствен работник се казнува, но, мора да биде пријавен за институциите да постапат. Минатата година имаме само три пријави за насилство. Не е пријатно да се оди на работа со страв дека некој може вербално или физички да не нападне. Здравствениот систем не е идеален, но, тоа не е причина да бидеме навредувани или тепани“, вели претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова.

Најмногу изложени на ризик се лекарите и медицинските тимови во Ургентниот центар и Итната медицинска помош.

Министерот за здравство Азир Алиу најави мерка за воведување паник-копчиња во сите здравствени установи, кои ќе бидат поврзани со алармен систем за побрза реакција на институциите.

„За здравствениот систем е клучно здравствените работници да се чувствуваат безбедно за да можат да го дадат најдоброто на пациентите. Измените во Кривичниот законик се успешно имплементирани насилството врз здравствен работник за време на работни задачи се третира како насилство врз службено лице и претставува кривично дело“, вели министерот Алиу.

Надлежните велат дека дополнителен проблем за лекарите се заканите и навредите што сè повеќе се шират на социјалните мрежи. Последиците од насилството врз лекарите се сериозни, и освен психолошки стрес, вклучуваат и анксиозност и прегорување.

Тоа поттикнува многу лекари да размислуваат за напуштање на професијата или заминување во странство, што дополнително го ослабува здравствениот систем, алармираат надлежните.