Родителите чии деца се однесуваат насилно во училиштата ќе се соочат со парична казна од 250 евра. Истата глоба ќе се применува и доколку родителот одбие да соработува со училиштето или со другите надлежни институции, потврди денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Законските измени веќе се во собраниска процедура и на нив интензивно се работи со пратениците за финализирање на предлозите.
„Државниот секретар е во постојан контакт со пратениците и мислам дека во овој момент се во Собранието за да ги дооформат овие предлози. Веќе е донесена одлука, тие измени ќе се направат и останува глобата од 250 евра за секое сторено насилно дело на детето да биде казнет родителот, но и тоа што е многу важно – и кога родителот ќе одбие да соработува со училиштето и другите институции“, изјави Јаневска одговарајќи на новинарски прашања.
Оваа итна законска интервенција доаѓа како одговор на неколкуте екстремни случаи на врсничко насилство кои сериозно ја брануваат јавноста.
Министерката Јаневска уште пред два дена ги најави измените во Законот за основно образование, нагласувајќи дека државата мора да преземе радикални чекори за да се создаде безбедна училишна средина и да се подигне одговорноста на родителите во процесот на сузбивање на врсничкото насилство.












