Битола се подготвува за еден од најголемите музички настани ова лето. Естрадниот уметник Борче Наумовски, во јавноста познат како „Министерот“, денеска пред новинарите ги сподели деталите за претстојниот солистички концерт со кој ќе одбележи значаен јубилеј – 30 години успешна кариера на естрадата.
На прес-конференцијата тој беше придружуван од својот менаџер Мирослав Стојковски и проф. Кирил Стојчевски, кој ќе раководи со големиот оркестар на концертот.
Наумовски не го криеше возбудувањето за овој, како што го нарече, најголем роденден во неговата професионална кариера. Подготовките за овој амбициозен проект траат веќе повеќе од половина година.
„Ова е најголемиот роденден во мојата кариера – 30 години постоење на естрадата. Шест до осум месеци работам на овој проект. Бидејќи славиме три децении, сè ќе биде во знакот на бројот 30 – ќе имаме 30 тапани на сцена, 30 играорци, па дури и на миксетата ќе отвориме точно 30 канали за музичарите. Напорно е многу, очекуваме околу 3.000 луѓе во публика, што е сериозна бројка,“ истакна Наумовски.

Најголемиот предизвик за организацијата во моментов се временските услови. Иако желбата на целиот тим е концертот да се одржи под отворено небо во магичниот амбиент на античкиот локалитет Хераклеја, подготвен е и „План Б“. Доколку времето не дозволи, настанот ќе биде преместен во спортската сала во Битола.
Зад името на Борче Наумовски стојат четири студиски албуми. Неговите почетоци се врзуваат за 1997 година, кога ја издаде својата прва касета во продукција на тогашната Македонска радио-телевизија. По повод јубилејот, тој најави и нов проект. „Нов албум the best of me, 30 години на естрадата собрано се во едно. Најново пред месец дена имам нов видео запис „Моја љубов, моја судбина“ – така ќе го насловам и мојот албум.“-рече тој.
Посебен белег на концертот ќе му даде големиот оркестар кој ќе го придружува Наумовски во живо. Со оркестарот ќе раководи познатиот професор Кирил Стојчевски, долгогодишен соработник и близок пријател на пејачот.
„Нас нè поврзуваат многу работи и со Борче се чувствуваме како браќа. За мене е огромна чест што низ годините се консултира со мене за неговото творештво. Имам напишано повеќе песни за него, а дел од нив публиката ќе ги слушне на претстојниот концерт. На сцената ќе бидеме во состав од 17 изведувачи од сите музички секции – вклучувајќи гудачи, дувачи, хармоники, гитари и придружни вокали,“ изјави проф. Стојчевски, честитајќи му го големиот јубилеј.

Концертот кој ветува многу емоции, квалитетна македонска песна и вистински визуелно-музички спектакл е закажан за среда, 22 јули 2026 година, со почеток во 20.30 часот на Хераклеја.
Специјални гости на концертот се Татјана Стефановска, Даниела Темелковска, Марјан Коцев, Кате и Трајче Соната и маестро Кирил Стојчевски со големиот оркестар. Водителка ќе биде Ирена Спировска.

Наумовски зад себе има и преку 35 фестивалски настапи, поради што колегите и публиката често го нарекуваат „фестивалско дете“.












