ТЕРА

REKLAMA???

Небезбедно и запоставено: одрон стои кај амфитеатарот на Тумбе Кафе

Наши сограѓани кои редовно своите прошетки или рекреација ја изведуваат на Тумбе Кафе алармираат за состојбите на ова популарно место. Денеска испратија фотографии од амфитеатарот на летната сцена. Тврдат одронот што се појавил пред 7 дена, сеуште не е саниран.

Веќе една недела стои нерасчистен одронот на земја што се појави кај амфитеатарот на ридот Тумбе Кафе во Битола.  Граѓаните кои секојдневно го користат просторот за прошетка и рекреација предупредуваат дека местото изгледа запуштено и небезбедно.

Од фотографиите што ги испратија видливо е дека имало лизгање на земјиште. Врз еден дел од бетонските седишта сега има откорнато дрво и еден светлосен столб. Велат ова го забележале пред една недела, но до денеска надлежните служби сеуште не интервенирале.

Познавачи од агрономија за ТЕРА тврдат дека земјиштето на оваа мала летна сцена изградена пред 20тина години е растресито земјиште и штом еднаш се разлизгало, по силни дождови, како што имаше во изминатиот период во битолскиот регион, постои опасност да направи поголем одрон и лизгање на земјата.

Според граѓаните кои ги испратија фотографиите во ТЕРА, за целиот простор отсуствува одржување, особено по врнежи кога лизгање на земјата се забележува и на други места и по патот. Провејува и размислата дека ова се случува заради градежните работи кои започнаа на ридот спротивно од локацијата на амфитеатарот.

Оттука, по својата интервенција, надлежните ќе мора да ја проверат и стабилноста на теренот со геомеханички испитувања.