ТЕРА

REKLAMA???

НП „Пелистер“ постави 40 нови камери за мониторинг на дивиот свет на планината дом на моликата

Во реоните на Нижо Поле, Пелистер, Цапари, Вртушка и Брајчино поставени се 40 нови камери на 40 различни локации, со што значително се унапредува системот за следење на дивиот свет и заштита на природата во рамки на ЈУ Национален парк Пелистер.

Од установата информираат дека преку современи методи за мониторинг и научно следење, паркoт активно работи на подобрување на заштитата на природните богатства. Во рамки на овие активности, воспоставен е систем за следење на дивиот свет со помош на фото-замки, поставени на повеќе стратешки точки низ паркот.

Целта на овој систем е да обезбеди попрецизни информации за состојбата во природата, преку следење на движењето и навиките на дивите животни, проценка на бројноста на популациите, навремено детектирање на потенцијални закани, како и поддршка на научни и стручни анализи.

Посебен фокус е ставен на мониторингот на клучни видови, меѓу кои кафеавата мечка, дивокозата, како и карактеристични видови птици и растенија. Воедно, ќе се следат и крупни цицачи како волкот, рисот, дивата свиња и срната, кои се сметаат за значајни индикатори за состојбата на екосистемот.

Покрај дивиот свет, во континуитет ќе се следат и состојбите на чувствителни и вредни живеалишта, меѓу кои глацијалните езера, моликовите шуми, камените реки и алувијалните подрачја, како и ендемични и заштитени растителни видови, водни екосистеми и популации на пастрмка. Мониторингот ќе опфати и птици, лилјаци, инсекти, водоземци и влекачи.

Од Националниот парк посочуваат дека ваквиот систем не само што ќе придонесе за подобро научно следење на природата, туку и ќе овозможи поефикасна контрола на терен, како и спречување на активности што можат да ѝ наштетат на животната средина.

Во насока на зголемена безбедност во рамки на паркот, сите податоци од камерите ќе бидат достапни и на СВР Битола.

Од ЈУ Национален парк Пелистер упатуваат и апел до посетителите да се движат исклучиво по обележаните патеки, да не го вознемируваат дивиот свет и да ја одржуваат природата чиста.

– Заштитата на Пелистер е заедничка одговорност – порачуваат од установата.