Некогашниот хотел „Битола“ со години е оставен на милост и немилост, без заштита, целосно руиниран , запуштен и наликува на објект од хорор филмовите.
Она што некогаш беа средени соби за стари и изнемоштени лица со голем ресторан, банкетна и конференциска сала од отворен тип, сега е руина.
Фондот за пензиско и инвалидско осигурување стопанисува со објектот што така оставен да пропаѓа беше лесна мета на крадците кои буквално однесоа се што можеше да се однесе од него.

Ова се кадри од објектот што сега е само грда слика на градот на конзулите бидејќи никој не се грижи за неговата заштита.

На прес-конференцијата „Отчет за првите 100 дена“ од новиот мандат го прашавме градоначалникот Коњановски дали Општината ќе побара да и бидат отстапени ингеренциите за објектот и доколку добијат позитивен одговор, каква е визијата на локалната самоуправа за овој објект?
„За жал тој објект буквално немајќи кој да го заштити, иако сопственоста остана така, ние инсистиравме за тој објект и за Детското одморалиште да побараме од Владата, ако не ние, едноставно, да се најде начин, да се издвојат средства објекти што веќе биле спремни и готови, а за него ќе биде потребна целосна реконструкција, ние имавме и пријави од граѓани, праќавме инспекции. Мене ако лично ме прашувате тој објект би трабало да биде Старски дом, тоа ни треба во општината“ рече во одговорот градоначалникот Тони Коњановски.

Хотелот „Битола“ беше изграден во осумдесеттите години од минатиот век со средства издвојувани од пензионерите.
„Ние како Здружение на пензионери, неколку години хотел „Битола“ го бараме да се отстапи на Општината Битола за да биде Дом за пензионерите од општините Битола, Могила и Новаци. Испратени се повеќе барања до Владата, до Секретаријатот, до Министерството за труд и социјална политика, но, од нив добивавме одговор дека хотелот „Битола“ е имот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Фондот во неколку наврати го продаваше, но, објектот остана под ингеренции на Фондот. Ние повторно од оваа Влада преку писмо побаравме и разговарав и со градоначалникот на Општина Битола за овој проблем и тој се согласи да се направи поголем напор за да се врати овој дом, меѓутоа сепак треба да помогне државата, Општината, за тој дом да се реставрира, односно да се реновира“ изјави за ТЕРА телевизија, Даница Петличкова, претседател на Здружението на пензионери Битола.
За потсетување, во изминатите години речиси да нема изборни циклуси, било да се парламентарни или локални, а да не се апострофира потребата за изградба на нови старски домови во Битола.













