Носењето синтетички материјали е како да сме се намачкале со нафта и тоа го носиме на нас. Вака македонската модна дизајнерка и едукаторка за одржливост Ирина Тошева го илустрира проблемот со преголемото присуство на синтетички материјали од кои денес се произведува облеката.
Со цел да понудат ниски цени на пазарот на облека производителите користат материјали кои не се погодни за човечкото тело.
„Сигурна сум дека секој граѓанин почувствувал за некое парче облека дека не му е пријатно, дека можеби го поти и му предизвикува некаква реакција. Работи што не се природни за нашето тело, а потоа тоа парче го избегнуваме без да знаеме дека е поради материјалот. Затоа треба да правиме паметни избори. Бидејќи, за жал, модната индустрија за да задржи ниска цена, користи синтетички материјали. Синтетичките материјали се добиени од нафта. Тоа е буквално како да сме отишле на бензинска и сме се намачкале со нафта и си го носиме тоа на себе. Тоа не дозволува кожата да дише“, вели таа.
Најдобар избор се природните материјали, вели таа и става акцент на потребата од пренамена и реупотреба на текстилот со цел да се намали текстилниот отпад кој е се посериозна закана за планетата земја.
Таа настојува да ги инспирира новите генерации и идни модни дизајнери да ја реупотребуваат облеката, подолго да ја користат и да купуваат облека од втора рака.












