Денеска во Битола во тек е дводневен настан со европска агенда за наука, иновации и одржлива исхрана. Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола како членка на Алијансата КОЛОРС е домаќин на дводневен меѓународен настан „CoLab: From By-products to Functional Foods – Sustainable Approaches for Consumer Health“ што се реализира на 12 и 13 мај 2026 година, посветен на иновативните и одржливи пристапи во трансформацијата на прехранбените нус-производи во функционална храна со додадена вредност за здравјето на потрошувачите.
По официјалното отворање на 12 мај, богатата агенда се остварува во соработка со партнерските универзитети: Jan Dlugosz University и University of Castilla-La Mancha, кои активно учествуваат во програмата и во дискусиите.
Во текот на двата дена, настанот обединува експерти, истражувачи, претставници од индустријата и академската заедница, кои ќе дискутираат за: одржливо управување со прехранбени нус-производи, развој на функционална храна, циркуларна економија во агро-прехранбениот сектор, иновации за подобро јавно здравје и одржлива исхрана.
Преку презентации и стручни дискусии ќе бидат претставени современи европски практики и научни достигнувања што придонесуваат кон намалување на отпадот од храна и создавање нови, нутритивно вредни производи.





















