ТЕРА

REKLAMA???

Македонците најмногу онлајн плаќаат за авиобилети и резервации во хотели

Колку и на што најмногу трошат македонските граѓани онлајн во странство. Одговорот го дава анализата на Асоцијацијата за е-трговија која е изработена врз основа на податоци од Народната банка.

Анализата покажува дека македонските граѓани во текот на 2025 година во странство најчесто онлајн плаќале патување, односно купувале авиобилети и плаќале резервации во хотели.

Со оглед на најавата за поскапување на авионските билети поради кризата со горивата, можно е свртување кон поблиски дестинации односно насочување на дел од туризмот кон соседните држави и домашните туристички капацитети. Дали ова ќе значи промена на трендот најмногу да се троши на авиобилети и хотелско сместување ќе покажат идните анализи.

Како и да е според актуелната анализа, граѓаните во странство потрошиле 427,8 милиони евра и направиле 12,4 милиони трансакции.

Ова е дури за 50% повеќе од претходната година по вредност и 69% повеќе по број на трансакции.
Анализата исто така покажува дека просечната трансакција изнесува 34 евра и е помала за 11% во однос на 2024 година. При тоа, 74% од вредноста и 83% од бројот на направените трансакции се во Ирска, Холандија, Обединето Кралство, САД, Унгарија, Германија, Кипар и Луксембург.

Најмногу средства се слеваат кон Ирска и Холандија каде се регистрирани седиштата на глобалните платформи. Доминираат трошоци за патувања и дигитални услуги додека просечната трансакција бележи пад во однос на 2024 година.

Најголема вредност на е-трансакциите е остварена во Ирска во износ од 92,1 милиони евра. Оваа земја бележи раст од 173 отсто во вредноста на трансакциите во однос на претходната година.

Објаснувањето зошто се троши токму во Ирска е дека таму се лоцирани европските операции на компании како Amazon, Google и Meta. Веднаш по неа е Холандија со 62,4 милиони евра како центар за Booking.com и логистичките хабови.

Ирска доминира поради Амазон и Тему додека САД задржуваат силна позиција поради Netflix и eBay. Анализата на Асоцијацијата за е-трговија укажува дека овие трендови значат поголема достапност за потрошувачите, но и одлив на капитал.