РЕК Битола оваа грејна сезона произведува значително помалку струја во споредба со грејните сезони во претходните неколку години. Според податоците од Прес службата на Комбинатот, на еден месец до крајот на тековната грејна сезона, произведени се само 718 GWh електрична енергија. Тоа е за една третина помалку во споредба со претходните три грејни сезони.
Минатата грејна сезона, РЕК Битола произвел 998 GWh, а во грејните сезони 2022/23 и 2023/24 година производството било идентично и изнесувало 1068 GWh. Изразено во бројки, годинава производството е помало за 280 GWh, додека во однос на другите две сезони разликата изнесува околу 350 GWh.

Тоа значи дека производството на најголемиот домашен производител на електрична енергија, оваа сезона е за една третина помало во споредба со претходните години. Ако се погледнат месечните бројки, најголем пад на производството има во месеците ноември и декември, кога во претходните години електраната произведувала значително повеќе електрична енергија. Во енергетски систем со ограничени домашни производствени капацитети каков што е македонскиот, ваквата разлика не е мала.
За споредба, 350 GWh електрична енергија се количина што може да ја покрие повеќемесечната потрошувачка на град со големина на Битола.

Или зимската потрошувачка на десетици илјади домаќинства. Што се однесува до резервите на јаглен за производство на електрична енергија, од РЕК Битола ни одговорија дека на 7 март во 11:56 часот, на депонијата се измерени 96.800 тони јаглен.
Оваа количина претставува оперативна резерва која се користи за континуирана работа на блоковите.
Во моментов, РЕК Битола работи само со еден блок. На прашањето до каде е постапката за отворање на новиот рудник Живојно, од Прес службата на Комбинатот велат дека не се води постапка за отворање на нов рудник. Во тек била постапка за проширување на рударскиот коп на рудникот Брод-Гнеотино од страната на с. Живојно.
Во РЕК Битола очекуваат дозволата за експлоатација да ја добијат до крајот на годинава.












