ТЕРА

REKLAMA???

Панел дискусија во Битола: Свеста за органодарителство е на многу ниско ниво

Лекари, трансплантациски експерти, но, и лица донори на органи, во Битола одржаа јавна панел дискусија на тема „Органодарителство во Македонија“.

Учесниците на панелот јавно порачаа да се поддржи органодарителството и земјава според бројот на жители да се доближи до државите од регионот, како што се Хрватска и Словенија.

Во изјава за медиумите Маја Горјанова од Битола, донор на орган, истакна дека личното донорство го спаси животот на нејзината ќерка.

„Мојата ќерка се роди со неразвиени жолчни канали кои понатаму го оштетија црниот дроб. Во таква ситуација мораше да се направи итна трансплантација и бевме упатени во Турција каде се изврши трансплантацијата. Чекањето на документација беше долг процес, но, со одобрување на Фондот и со конзилијарно мислење ја реализиравме постапката. Со голема верба и надеж за нов живот успеавме со ќерката која тогаш имаше 7 месеци, а сега има 11 години и живее нормален живот“, истакна Горјанова.

Таа упати апел да се поддржи органодарителството бидејќи на тој начин се дава нова шанса за живот.

„Апелирам многу силно за органодарителство, затоа што нема поубаво нешто од тоа да знаете дека давате нов живот, нова шанса и некој да продолжи да се радува на животот“, додаде Горјанова.

На панел дискусијата во Битола беше истакнато дека свеста за органодарителство во Македонија е сеуште на многу ниско ниво.

„Имаме национална листа на чекање која брои околу 200 пациенти. Сите тие чекаат орган од починат дарител. Имаме обучен кадар да ги врши трансплантациите, но, потребно е да се работи на подигнување на јавната свест. Во 2025 година имаме комплетно обработено 13 потенцијални донори, а согласност сме добиле за 3 трансплантации. Херојството на оние кои прифатиле нека биде поттик за сите други“, рече проф. д-р Билјана Кузмановска, анестезиолог и национален координатор за трансплантација.

Експертите за трансплантации повикаа да се помогне органодарителството во Македонија коешто му е потребно на пациентите.