Дуќанџии од старата битолска чаршија бараат уредување на малото паркче кај дрвениот мост. Посочуваат дека на самиот влез во Старата чаршија во Битола малото паркче со неколку дрвја – мал зелен простор со години бил убаво место за одмор и кратко задржување во центарот на градот.
По најавата за поставување споменик на битолскиот пејач Јонче Христовски, минатата година просторот беше ограден и раскопан. Но, денес 28 април 2026, паркчето сè уште стои раскопано и оставено во лоша состојба.
Местото е оградено, а на истакната табла стои информација дека се работи за проект за поставување на спомен обележје посветено на Јонче Христовски.
Во својот творечки живот овој пејач, текстописец и композитор остави силна трага во македонската музика.
Тој е автор на хитовите „Македонско девојче“, „Куќа имам на Пелистер“, „Ај засвирете ми чалгии“, „Едно име имаме“, „Ах љубов, пак љубов“ и многу други песни.
Решението за изградба на спомник било донесено во декември 2024 година, но досега проектот не е финализиран.
Граѓаните заслужуваат уреден јавен простор, а не раскопано место кое со месеци стои без решение, велат дуќанџиите.
Дуќанџиите во чаршијата бараат уредување на паркот кај дрвениот мост












