Ги читаат ли институциите предупредивачките знаци на патиштата кои што го поврзуваат градот со околните села? Ова прашање се наметнува веднаш штом го поминете стариот пат од Битола кон Горно Српци.

Пат до село или пат до ризик? Стариот пат Битола – Горно Српци со години предупредува дека постои опасност заради негрижа или недоволно добро планирање.
Возењето по стариот патен правец Битола – Горно Српци одамна не е само непријатност, туку според сите стандарди и сериозен безбедносен ризик за сите што секојдневно поминуваат по оваа делница.Најопасни се необезбедените кривини, под кои има провалии, додека заштитната лента која некогаш била поставена, денес е искината и нефункционална. Наместо заштита, таа сега само потсетува колку долго овој проблем останал без вистинска интервенција.

Дополнителен ризик претставува и фактот што патот не е осветлен, па во ноќните часови делницата станува уште поопасна.

Според основните стандарди за патна безбедност, токму ваквите сегменти — со остри кривини, слабa заштита и намалена видливост — се сметаат за високоризични точки кои бараат итна санација и превентивна реакција. Во стручната литература за безбедност на патиштата, ваквите делници се сметаат за „високоризични патни сегменти“, особено кога на едно место се преклопуваат повеќе фактори: опасна геометрија на патот, недоволна или уништена заштитна опрема, недостиг на осветлување, и ограничена визуелна прегледност. Оваа делница е токму ваква, ги исполнува сите услови да се нарече небезбедна. Затоа што доволно е само една доцна реакција на возачите кои со своите автомобили или други поголеми возила минуваат оттаму.
Оттука, за крај на ова репортерско видување , останива едно друго прашање, дали повторно ќе се чека првин да се случи несреќа?
















