По вчерашната ексклузивна објава на Тера Телевизија за пропаднатите преговори за преземање на ФК Пелистер, денес објавуваме нови детали од понудата и преговорите што ги добивме од претставници на потенцијалниот американски инвеститор.
Според нив, првичните контакти започнале пред околу еден месец, во рамки на посетата на претставници на меѓународното движење “Движење за промени” (Movement for Change) од Вашингтон.
На првата средба, како што тврдат, присуствувале поранешниот претседател на ФК Пелистер и претставници на Општина Битола. По ова следувала и видео-средба меѓу инвеститорот, претставници на Општина Битола и општинскиот секретар, Борче Димитровски, на која, според нивните тврдења, биле усно усогласени главните принципи на идната зделка, кои подоцна биле преточени во официјалното Писмо за намери.
Претставници на инвеститорот велат дека зад иницијативата стоел американскиот адвокат и бизнисмен Џеф Смит, кој, според нив, има блиски релации со актуелната американска администрација и меѓународните суверенистички кругови.
Нивната идеја, велат, не била само преземање на клубот, туку целосна трансформација.
„Целта беше враќање на славата на клубот и експресно враќање во Првата македонска фудбалска лига, со сосема нов начин на функционирање во сите сегменти“, велат од инвеститорскиот тим.
Во нивниот концепт било предвидено вклучување на врвни македонски спортски работници, како и ангажман на професионалци од Бразил и САД, кои би работеле на нова стратегија за организација на клубот по европски стандарди. Според нив, биле планирани и соработници со искуство и професионални врски во големи европски клубови како Барселона, Црвена Звезда и Динамо Загреб, со цел размена на искуства, развој на младинската школа и создавање на посилен клубски бренд.
Инвеститорите тврдат дека нивната инвестиција немала ограничување.
„Идејата беше да се вложи колку што е потребно за Пелистер повторно да стане стабилен, конкурентен и препознатлив клуб“, велат тие.
Но, најголем впечаток, според нив, оставиле анализите на состојбата во клубот. По увидот во буџетите за последните три години и финансиските проекции за новата сезона, во САД биле направени детални анализи.
„Информациите беа поразителни. Со чудење прашувавме како е можно ваков бренд да биде доведен до оваа состојба“, велат од таму.
Според нив, дополнително внимание сакале да посветат и на навивачката група Чкембари, која според нивниот концепт требало да добие свое место и активна улога во идната структура на клубот.
И покрај ваквиот амбициозен план, инвеститорот тврди дека никогаш не се повлекол од процесот и дека до денес нема официјално објаснување зошто понудата не била прифатена. Во меѓувреме, како што велат, веќе водат сериозни разговори со друг македонски клуб.
Сето ова отвора сериозни дилеми околу тоа што навистина се случувало зад затворени врати во процесот на преговори. Дали Општина Битола проценила дека предложениот модел не е во интерес на градот, дали проблем биле финансиските услови и долговите на клубот, или пак станува збор за сосема други причини кои досега не се соопштени пред јавноста. Тера телевизија ќе продолжи да ја следи оваа тема и да бара одговори од Општина Битола, бидејќи приказната за ФК Пелистер очигледно не завршува тука.
ТЕРА ТЕЛЕВИЗИЈА ОТКРИВА: Што планирал американскиот инвеститор за ФК Пелистер?











