И покрај сите повици и апели на СВР Битола и ОЈО Битола, полицискиот билтен за вчера повторно содржи информација за измамено возрасно лице.
Во нивнаа информација стои дека 80 годишна битолчанка пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 150.000 денари, 150 евра, 1.300 австралиски долари, како и златен накит.
Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски и ја известило дека нејзината ќерка била повредена во сообраќајна несреќа, при што требало да се направи итна операција, за која требало да се плати.
Како што е пријавено, откако се договориле, зад зградата во која живее ги дала парите на едно лице, а подоцна сфатила дека е измамена.
СВР Битола и ОЈО Битола апелираат да не се наседнува на ваквите телефонски јавуваања од непознати лица и барање пари на рака.
Според нивните сознанија, кога непознати лица ви се претставуваат како лекари или полицајци или било кој друг авторитет во градот и државата, се трудат да ве стават во заблуда на итност и не ви дозволуваат да конктактирате со никој друг освен со нив.
Оттука и советот за разумност и во случаи на голема емотивна напнатост заради трагична вест :
* Ниту лекар ниту полицаец нема да бара пари по телефон.
* Никогаш не предавајте готовина на непознато лице.
* Прво јавете се на блиските, па потоа во полиција за информации
Од почетокот на годината досега во Битола се води истрага за 16-тина вакви случаи при што со измама биле одземени 60.000 евра.

















