Денеска на факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола успешно се одржа четвртиот „саем на кариера“ повторно овој факултет од универзитетот Св. Климент Охридски се постави како мост помеѓу академијата и стопанството.

Настанот беше организиран со цел поврзување на студентите од ФИКТ со компании од реалниот сектор, како и промовирање на професијата ИТ инженер, која денес претставува една од најатрактивните и најбарани професии на пазарот на труд.
Саемот ја потврди улогата на ФИКТ како активен посредник помеѓу академската заедница, стопанството и пазарот на труд. На настанот учествуваа компании кои самостојно ги претставија своите активности, потреби за кадар и можности за практична работа и вработување. Учеството за компаниите беше бесплатно, што дополнително придонесе за поголема вклученост и разновидност на присутни организации.
Покрај студентите на ФИКТ, на саемот присуствуваа и ученици од трета и четврта година од средните училишта од регионот, кои имаа можност директно да се запознаат со перспективите што ги нуди ИКТ секторот.
Настанот се одржа во просториите на ФИКТ (трет кат), каде беа поставени околу 25 штандови. Компаниите имаа можност да ги презентираат своите проекти, да воспостават директна комуникација со студентите и да иницираат идни форми на соработка.
Во рамки на настанот се одржа и панел-дискусија на тема „Интеракција човек – вештачка интелигенција“, на која беа разгледани актуелните предизвици и можности што ги носи развојот на вештачката интелигенција во современото општество. Паралелно, беше организирана и средба на алумни на ФИКТ, што придонесе за дополнително зајакнување на професионалната мрежа.

Саемот на кариера 2026 уште еднаш ја потврди важноста на ваквите настани за унапредување на соработката помеѓу образованието и бизнис секторот, како и за полесна транзиција на младите кадри кон пазарот на труд.
Организаторите го оценија настанот како успешен, со значителен интерес од страна на студентите, компаниите и средношколците, и најавија негово понатамошно унапредување во иднина.
























