Скривница за 250 луѓе во Битола поплавена и комплетно нефукнционална…
…откри камерата на ТЕРА. По нашето репортерско видување на фактот дека скривниците / засолнишатата во градот се претвориле во депонии или се мета на крадци и бесправно населувaње на бездомници, граѓаните со свои реакции не упатија да ја регистрираме состојбата во два од ваквите објекти.

Се работи за простории кои биле изградени засолништа во случај на војна, но иако нема војна, според праксата на цивилната заштита во светот , нивната функционалност е потребна и при големи пожари, екстремни временски услови, но и големи индустриски несреќи – и без војна секогаш постои ризик од хемиски истекувања, пожари во фабрики, транспортни несреќи на отпадни материи.

Познавачите велат дека системите како филтри за воздух, посебни водоводни системи со песочни и јаглени базени за прочисување на вода и изолирани простории со два влеза односно излези се наменски изградени во сите засолништа во светот.
Арно ама. Кај нас, во Битола, од тоа ништо нема.

Снимките ја покажуваат состојбата на скривниците на улицата Димче Лахчански. Со големина за 200 луѓе, тоа сега е поплавен и запуштен подземен лавиринт.
На ѕидовите е напишана намената на просториите.

Просторот што некогаш бил наменет за престој на луѓе – со натпис „боравок“ по старски битолски уште од педесеттите години – денес е влажен, мрачен простор што едно време бил претворен во импровизирана котларница. Системите за парно не функционираат, а водата се собира во просториите каде некогаш требало да се живее додека прекине опасноста. Лавиринтот го прават едночудо влезни ходници кои водат до мали или поголеми простории кои завршуваат во излезни шахти – денеска сите затворени. Во скривницата сè уште стојат остатоци од системот што некогаш требало да штити од хемиски или радиолошки опасности: песочен предфилтер, предвиден за прочистување на воздухот, челични порти со специјален механизам за заклучување, мала соба за тријажа и дезинфекција. Но тие елементи денес не се дел од функционален систем – тие се само реликвии од време кога цивилната заштита се сфаќала сериозно.

Слична е состојбата и со засолништето на улицата Тодор Паница, кое според сведоштва на жители е исто така запуштено и далеку од функционално.

Прашањето што останува да виси над Битола е едноставно: ако скривниците – последната линија на заштита на цивилите – се поплавени, заклучени или само ограбени, кој ќе одговара ако еден ден навистина затребаат?

И уште поважно – дали градот воопшто има место каде неговите жители би можеле да се засолнат?

Во повеќето европски држави скривниците се дел од стратегијата за цивилна заштита. Засега, скривниците кои ги снимивме се проблем сам по себе за ширење на различни болести – најпрвин за станарите на станбените згради кои треба да се сокриваат таму.












