ТЕРА

REKLAMA???

СДСМ Битола пред консолидација или пред нови превирања?

СДСМ Битола конечно ќе избере членови во Извршниот и Надзорниот одбор.

Два месеци по назначувањето на Зоран Стојчевски за претседател, вечерва треба да се одржи конференцијата на која делегатите треба го потврдат и Стојчевски за претседател и составот на највисоките партиски тела што тој ќе го предложи.

Додека низ политичките кулоари на општинскаа организација се вртат имињата на идните партиски големци, побаравме ставови од дел од актуелните и поранешните функционери на партијата во Битола за состојбите во организацијата, нивната актуелна улога и политичките планови.


Претседателoт Зоран Стојчевски на прозивките дека сите рокови за составување на новото раководство се пробиени бидејќи бил на големи маки да ги убеди сопартијците да бидат во неговиот тим, одговара дека конференцијата првично требало да се одржи со салата на театарот, ама терминот бил зафатен, па следувале серија продолжени викенди и Конгресот на СДСМ, заради што на крајот било одлучено конференцијата да се одржи токму денеса, во големата сала на партиската зграда. „Немаше никакви проблеми, сугестии, а уште помалку некаков притисок. Составот на новото раководство е лично мој избор“, дециден е Стојчевски. Тој одби да одговори дали и ден-денес Општина Битола плаќа фактури кон фирмата на неговиот брат од времето кога беше прв човек на ФК Пелистер.

 


Членот на Извршниот одбор на СДСМ и поранешен прв човек на битолската организација, Драган Крајовски, не одговори на прашањето дали согласно партиската парола, се смета себеси за ново лице и нова сила на партијата, а изборните резултати од времето кога беше прв човек на СДСМ во Битола ги припиша на тогашните државни политики. “Јас на тие избори не бев на пратеничка листа”, вели Крајовски. На прашањето за наводни кривични пријави против член на неговото потесно семејство за наплатени, а неизвршени услуги тој кратко додава дека не знае за таков случај и повика да одговара тој што се огрешил.

 

Поранешниот претседател на огранокот, Методија Куновски, своето отсуство од јавноста и од партиските активности го објаснува како свесен избор да ѝ се даде простор на новата структура да функционира по свој терк. Тој ги дефинира односите со Стојчевски како „строго професионални“ и додава дека за партиска консолидација не се потребни „формални кафе-средби и празни реторики, туку искрена работа“. На прашањето дали му понудиле некаков политички ангажман во Скопје, Куновски тврди дека не е политички кариерист кој трча по функции по секоја цена и оти веќе докажал дека фотелјата не му е важна кога се загрозени принципите. “Дали и во каква форма би прифатил иден политички предизвик во Битола или на централно ниво во Скопје, зависи исклучиво од тоа дали тие ангажмани се совпаѓаат со моите лични и идеолошки уверувања”, додава тој и остро ги отфрли чаршиските озборувања дека „добро ја наплатил“ својата кандидатура за градоначалник.

 

Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска во своите одговори ги заобиколи прашањата што ѝ ги испративме и избира да зборува за својата актуелна работа како пратеник. Наместо за личната одговорност и политичката иднина, таа одговорите ги насочи кон својата пратеничка работа и законодавните иницијативи. Во однос на состојбите во СДСМ Битола, таа оценува дека организацијата се движи во позитивна насока и дека секое кадровско и организациско решение има за цел подобрување на состојбите во партијата.

 

Поранешниот потпретседател на СДСМ, Методија Илиевски одлучи целосно да ги игнорира прашањата што му ги пративме. Илиевски не одговори на прашањето дали планира да се повлече од Централниот одбор на партијата каде сеуште е член, како и на прашањето зошто е отсутен од јавниот живот по неговото разрешување од потпретседателската функција. Илиевски ниту ги потврди ниту ги демантира шпекулациите дека купил недвижен имот во градот веднаш по завршувањето на локалните избори и дека планира влез во бизнисот со сместувачки капацитети.

По формирањето на Извршниот и Надзорниот одбор, пред СДСМ во Битола стојат уште многу предизвици. Цела година локалниот клуб на млади е без претседател, а се шпекулира и дека ќе се бира нова претседателка на Форумот на жени.
Се на се, од добиените и премолчените одговори на партиските функционери што ги контактиравме, се насетува дека и по серијата изборни порази и кадровски промени, СДСМ Битола сè уште е далеку од обединување и посветла иднина.