Омиленото излетничко место на битолчани Сива вода веќе не наликува на старите добри времиња, каде на ова место во непосредна близина на градот многумина се упатуваа на краток престој во природа покрај шумот на речниот водопад.
Граѓаните реагираат на глетката која што сега може да се види на оваа локација. Поразителна глетка на која може да се видат многу пластички шишиња, стари најлони и секаков вид на отпад.
Несовесни посетители наместо да придонесат за зачувување на чистата природна средина, зад себе оставиле неубав потсетник дека биле овде.
Наместо шумот на водопадот, денес таму ‘шушкаат’ пластичните кеси и отпадоците. Поразително е што самите си го уништуваме она што природата несебично ни го подарила на само неколку километри од градскиот асфалт. Дали навистина е толку тешко да се понесе сопствениот отпад со себе, или удобноста ни е поважна од чистиот воздух и здравата околина?, прашуваат граѓаните.
















