Првоаприлски снег го побеле Потпелистерието. Циклонската активност од која е зафатена цела Македонија во Пелагонија донесе обилни врнежи од дожд, а на Пелистер снег. Нашата екипа ја доловува атмосферата по патот до хотелот Молика каде врнежите започнаа од пладневните часови обојувајќи ја планината во бело.
Снегот пак донесе и ниски температури кои се спуштија до околу 6 степени.
Според УХМР, и во наредните денови Македонија ќе биде под влијание на силна циклонска активност, што ќе донесе обилни врнежи од дожд низ целата територија, додека на повисоките места и планините врнежите ќе бидат од снег.
Хидролошките анализи предупредуваат дека локалните интензивни врнежи можат да предизвикаат нагло зголемување на водостојот, особено кај помалите реки и суводолиците. Поради топењето на снегот на планините и новите врнежи, се очекува пораст на поголемите реки, особено во јужните и централните делови на земјата.
Ќе дува засилен, а во текот на ноќта повремено силен ветер кој ќе достигнува и над 70 км/час, особено во североисточните делови. Исто така се предупредува дека пообилни врнежи ќе има и утре, кога се очекува локално да наврнат и до над 30 литри/м².
Постојат реални ризици од појава на „големи води“ и интензивно полнење на речните текови, што може да претставува опасност за населението и инфраструктурата во близина на водата, предупредуваат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Првоаприлски снег го побеле Потпелистерието
















